Зошто филмските постери за комедии секогаш имаат огромни црвени букви?

67

Постои едно правило зад секој филмски постер што некогаш сте го виделе. Помеѓу 2003 и 2013 година, директорот за маркетинг Вилијам Лопер лансираше по осум кампањи за филмови годишно и секоја од нив мораше да биде што е можно попривлечна. А кога станува збор за рекламите за комедии, има два големи типографски трикови – насловот да биде голем и црвен.
Кога се појави трејлерот за филмот на Кетрин Тејт, „Филмот за Нан“, во февруари оваа година, неговиот наслов беше исто така испишан со големи и црвени букви. Постерот за римејкот на „Дизни“, „Најлесно е со дузина“, кој следуваше набргу потоа, исто така имаше наслов во густ, румен и надуен фонт. Заедничко и за двата постера, како и филмот „Забава со Дик и Џејн“ е тоа што насловот е поставен на огромна бела заднина.
Значи, кој го започна трендот на големи црвени наслови на празни заднини и зошто е одбрана баш црвената боја? Никој не е подобар да одговори на ова од Лопер, кој исто така работеше на „Откачениот професор“, „Откачениот професор 2“, „Лажго, лажго“, „Полубраќа“, „Доктор за љубов (Хич)“ и „Американска пита“.
– Белата заднина и црвената типографија навистина напредуваа во средината на 1990-тите и раните 2000-ти години – вели тој.
Како дел од својата работа, Лопер покажа прототип на трејлери за да ја тестира публиката.

– Го направивме воведниот трејлер за „Откачениот професор“ и во него пишуваше: „Нешто големо доаѓа“ и потоа жестоко се држевме до тие големи наслови. Тоа беше огромен хит во фокус-групите – вели Лопер.
Бидејќи продуцентите, па дури и ѕвездите добиваат збор за рекламирањето на филмот, ваквото истражување може да им помогне на директорите да докажат дека се на вистинскиот пат. Но не постои ниту една студија што вели: „Црвеното е еднакво на комедија, големите букви се еднакви на големи пари“. Наместо тоа, тука е скромната постојка за автобуси.
– Продуцентот со кој работев постојано ми велеше: Ако возам по улица со 40 милји на час и врне, сакам да го видам постерот на автобуската постојка уште од осум блока подалеку. Празните заднини ѝ помагаат на ѕвездата на филмот да се истакне, додека црвеното е црвено. Има причина зошто тоа е бојата на сообраќајните знаци за запирање, како и на класичниот кармин. Во минатото, кога билбордите и рекламите на постојките за автобуси се печатеа на хартија, огласувачите мораа првпат да ја сфатат кампањата како што треба. Но сега, можете да менувате дигитален билборд секој втор ден. Тоа навистина помогна – објаснува Лопер.
Дизајнерката на постери Ребека Пит објаснува дека пред 30 години технологијата била поограничена.

– Беше лесно да се прават големи црвени букви, додека металните 3Д-букви станаа лесни дури пред 15 или повеќе години. Последново стана стандардно во театарските плакати за претстави како „Сѐ поминува“ и „Амели“ – вели таа.
Но секоја кампања сака да биде примамлива и привлечна. Зошто комедијата доби монопол на големото и црвеното – а не, да речеме, акционите филмови или трилери? Робин Ларкин е креативен директор на агенцијата за филмски плакати „Бобо“, која работеше на „Зимски коски“ и „Паранормално“ на „Нетфликс“. Тој го опишува тоа како еден вид ситуација со кокошката и јајцето, каде што маркетинг-директорите станале опседнати со споредувања и побарале од дизајнерите да имитираат други успешни кампањи. Тој ја опишува ситуацијата како „еден вид лажен мит, каде што мислат дека ако промотивниот изглед функционира добро за филмот А, тогаш ќе функционира и за филмот Б“. Тој ги наведува „Американска пита“ од 1999 година и „Запознај ги родителите“ од 2000 година како хитови што го инспирирале копирањето во маркетингот. Сепак, според Ларкин, „Американска пита“ функционираше затоа што беше одличен нов филм. Неговиот успех, веројатно, немаше многу врска со фонтовите.
– Еден ден ќе се појави голем хумористичен хит што ќе користи поинаков стил бидејќи тимот ризикувал и успеал. Тој стил потоа може да стане следниот хит бидејќи луѓето од маркетингот низ целата земја го копираат стилот, мислејќи дека ќе го постигнат успехот на филмот, а може да се случи и спротивното – вели Ларкин.