За позитивната естетика и протонизмот (1)

225

Африм А. Реџепи, Хуманологија, Институт за македонска литература, Скопје, 2021 г.

Африм А. Реџепи со досега објавените дела, меѓу кои „Естетика на играта“, „Деконструкцијата и естетиката“, „Потрага по хармонијата“, ја докажа доследноста на својата мисла и предадената внесеност во прашањата на естетиката. А веќе со насловот на најновата книга, „Хуманологија“, навестува дека авторот разработува една, денес, во времето на критериумските слаломи, актуелна тема за потребната осмоза меѓу homo aestheticus и homo faber – потрагата, вреднувањето и почитта кон убавото во согласност со креирањето на поттикнувачките услови за развој на човечноста преку уметноста. Дилемата е јасна: дали предизвикот на кибернетичкото општество, соочувајќи се со хуманистичките (во нивен склоп, со естетските) вредности, ќе отвори можности за освежување, продлабочување на хуманистичките и на естетски прашања или тие сѐ повеќе ќе бидат надвор од интересот на технолошки супериорниот свет? Во тој контекст, авторот Реџепи ни ги приближува новите естетски концепти во толкувањето и разбирањето на книжевното (уметничко) дело што последниве децении внесоа „нов здив“ во неговото вреднување. За волја на вистината, таа свежост беше потребна како некаков вид алтернатива кон долготрајното владеење на постструктуралистичките (Фуко, Дерида, Лакан, Бодријар…) и херменевтичките (Гадамер, Рикер…) учења, кои се речиси (пре)долго неприкосновени во современата книжевна теорија и критика.
Во првиот дел на „Хуманологија“, насловен „Универзални теории“, авторот нѐ наведува кон позитивната естетика на Денис Датон, што ги сообразува естетските принципи со законитостите на природата. Како што вели Алан Карлсон, еден од силните приврзаници на ова движење: „Сета природа, во суштина, естетски е убава“.

Под диригентското стапче на природата, ниедна боја, црта, нијанса, знак на телата на животните и растенијата не се случајни, тие емитираат убавина што се препознава и прелева во природните облици. Уметничкото дело, според Датон и следбениците на позитивната естетика, се создава, се гради со вдахновение и согласност со законитостите и синергијата на природата. Во историјата на уметностите може да се најдат примери за такво влијание на силниот биофактор во создавањето моќно уметничко дело, како кај жолто-сините платна на Ван Гог, Катедралата на Гауди, „Големиот бран“ на Хокусаи, „Валден“ на Торо или јапонското хаику. Кога Емили Бради вели дека „и трагичноста е дел од природата и таа е естетски функционална“, се отвора пошироко поле за примена на позитивната естетика во согледувањето на конструкцијата и вредноста на уметничкото остварување..
Во следните поглавја на книгата, авторот Реџепи ја разработува токму примената на позитивната естетика во текстовите „Еколошко возвишено“ (потпирајќи се на богатата, фундаментална „Естетика на возвишеното“ на Иван Џепаровски, па преку низа актуелни студии, како онаа за внатрешната вредност на природата во моделот на Кристофер Хит), „Естетиката и дизајнот“, со прастарата Ашулова секира, како пример за отсекогашна внатрешна човекова потреба да се направи нешто убаво (или, пак, пештерските цртежи во Ласко како архипретходник на анимираниот филм), „Естетиката и невронауката“ (ефикасноста на невронауката и нејзините креативни релации не само со естетиката, туку и со општествените науки и хуманистиката, со посебен осврт кон социјалната невронаука, што ќе ги трансцендира границите на општественото и менталното, психичкото, биолошкото во убавото). Низ своите анализи, д-р Реџепи убедливо покажува дека врската меѓу уметничките и природните, биолошките особености е многу подлабока и посложена во нивниот еволутивен сооднос, истакнувајќи ја нејзината важност во развојот на креативните, уметнички способности.
Додека позитивната естетика поседува биолошка, еколошка поткрепа, па како таква ги има енвироменталната естетика и екокритиката за свои силни сојузници, вториот, клучен текст во „Хуманологија“ му е посветен на протонизмот (што последниве години е во фокусот на неговото научно внимание), изнедрен од областа на атомската физика.

(продолжува)