Trigeminus ante portas

Тоа што беше принуден да се бричи само попладне, поточно од 16 до 18 часот, некако го прифати, иако е нелогично, да не кажам глупаво, човек да си го мачка лицето со пена за бричење по добар ручек, кога телото бара дремка. Тие дејства во бањата, во тие определени два часа, беа проследени и со миење заби, што би било сосема во ред како редовнo хигиена по обед, ама во случајов се работеше за единственото дневно каладонтско миење, зашто наутро и навечер проклетиот Тригеминус не му дозволуваше пристојно да зборува, а камоли широко да ја отвори устата.
Си мислеше на тие секојдневни тригеминус-проблеми, голтнувајќи си од пладневното фредо-капучино во „Капри“, без придружни болки, зашто благотворниот ефект на апчето „тегретол“ го ослободуваше, околу пладне, од гњаваторските ефекти на дијабетесот.
На соседната маса, помлада двојка си ги меркаше атрибутите низ растеглив, скромен, но гласен дијалог. На англиски. Девојката имаше поднапрчени усни, особено горната. Си помисли дека можеби и неа ја болела устата, иако сигурно многу помалку од него. И девојката и младичот носеа градска опуштена облека, но кај неа, помисли Тригеминус-страдалникот, неколку знаци кажуваа дека е тукашна. Патиките ѝ беа во три бои „на петица“, фармерките доста тесни, а маичката имаше принт на англиски за зачувување на животната средина „go green“, со црвени букви. Не ја вадеше чантичката што со златно синџирче ѝ го сечеше телото по дијагонала, за да може едната крушкеста дојка да се потпре и да висне преку него.

Младичот седеше свртен со грб кон него, така што не можеше да му го види лицето.
„Подобро зборува англиски отколку македонски“, злобно ја оцени. „Уловила странец на летување за да ја однесе во Холандија. Е, ќе се зафркнеш, шмизличке“.
Но кога ја повика келнерката, младичот ѝ се обрати на македонски, плаќајќи со картичка :- Плус педесет кеш за бакшиш! – изјави гласно да се чуе. Девојката се закикоти, покажувајќи редица големи, премногу бели заби.
Типот што дотогаш седеше релативно лежерно, со раце што мируваа на потпирачите од столот, одеднаш скокна, се придвижи, ѝ го потргна столот на заблестата придружничка и се сврти со лицето кон него. Типично лице на самозадоволен локален бизнисмен, со итри очи и дводневна брада.
– Утнав во процената – си помисли. – Ама ми беше забавно. И заборавив на тригеминусот.