Уште од најраните години секогаш сум се соочувал со сентенцата, се разбира кога се подавала можност за тоа, „тивка вода брег рони.“ Сум ја користел многупати, особено кога сум бил во ситуација да ја потенцирам потребата од смиреност и тивкост во походот кон остварувањето на поставената цел.
За „Фестивалот на фестивалите“, кој веќе по 65-ти пат се одржува во Требиње, би можел да кажам дека ги има особеностите на реката Требишница. Тоа е река квалификувана како најдолга понорница во Европа. Tаму каде што гледа бело видело ја манифестира својата смиреност преку тивкиот речиси нечуен тек. До местото на понирањето, му овозможува на градот и полето околу него, огледувајќи се во нејзините бистри води, да го развиваат комплексот на Нарцис.
Смирен, тивок, не многу чуен, исто како и Требишница „Фестивалот на фестивалите“ удира во брегот на театарската уметност и прави реверанс каков што брегот и очекува. За поздравување се напорите што ги прави градот Требиње. Тоа се напори што се огледуваат во инјектирањето живот на еден од најзначајните форуми на аматерските театри на просторите на бившата СФРЈ. Требиње е град на самиот југ на Херцеговина. Има околу триесет илјади жители. Името му потекнува од латинскиот збор трибинус или од словенскиот треб, што значи жртва. Првите знаци на живот „Фестивалот на фестивалите“ ги дал пред 65 години, и тоа на островот Хвар. По преселбата во Врање, овој најголем форум на аматерските театри на бившата СФРЈ, поточно од 1971 година, го наоѓа своето прибежиште во Требиње, 27 км оддалечен од Дубровник и 35 км оддалечен од Херцег Нови. Форумот го менува прибежиштето, но не и содржината, што го прави впечатлив. Од првите знаци на живот, содржината на „Фестивалот на фестивалите“ почивала на победничките претстави на републичките аматерски фестивали. Сега веќе на државите што некогаш беа федерални единки на СФРЈ.
Годинава се слави 65 години од основањето на „Фестивалот на фестивалите“. Победничките претстави доаѓаат од Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и од Македонија.
Кога сме кај Македонија, треба да нагласиме дека победниците од ДАФ, кој годинава се одржа по 59. пат во Кочани, на римејкот на фестивалот од 2001 година, почнаа да се појавуваат како содржина, во официјална конкуренција за награди, од 2017 година. Годинава на фестивалот учествуваше театарот „Чекори“ од Скопје, со претставата „Гласови“. Како реалитети на претставата се потпишуваат: авторот Љубомир Морев, режисерката Маја Ѓурчевска и актерите Марко Џамбазовски и Никола Димевски.
Времето не се враќа назад, но се повторува. Нема да бидеме претенденциозни ако кажеме дека на „Фестивалот на фестивалите“ му се атрибуира, на своевиден театарски начин, повторувањето на времето на братството и единството на југословенските народи.

Трајче Кацаров, член на годинашното стручно жири на „Фестивалот на фестивалите“