Мирослав Мики Радоњиќ, директор на реномираниот театарски фестивал

Мирослав Мики Радоњиќ, долгогодишниот директор на реномираниот театарски фестивал „Стеријно позорје“ од Нови Сад, е човек со огромна храброст да го менаџира овој исклучителен театарски настан од европски калибар. Тоа е човек под чија менаџерска палка овој фестивал успеа да се одржи со целиот свој сјај и во најголемите предизвици што ни ги донесе пандемијата во последните неколку години. „Стеријно позорје“ е многу важна точка на мапата на европскиот и светскиот театар, а Радоњиќ го води две децении.

Во која насока се движи еволуцијата на фестивалот, дали неговото движење зависи од различноста на начините на мислење во селекциите или во прашање се други компоненти?
– Во „Стеријно позорје“ сум седумнаесет години, од тоа 12 како негов директор и пет како помошник-директор. Во тој период ја менувавме концепцијата на фестивалот, се приспособувавме на дадените театарски околности, за пред неколку години да се вратиме на изворниот принцип на фестивалот – развој, промоција и афирмација на домашната драмска книжевност. Во натпреварувачката селекција учествуваат претстави од Србија и странство работени по дела на наши автори.

Но, покрај фестивалот, кој е медиумски најатрактивен, „Позорјето“ има цела низа други еднакво важни активности: издаваштво, документациско-истражувачки активности, научни истражувања, меѓународна соработка. Тоа е комплексна и единствена институција на овие простори. Изгледот и програмата на фестивалот најмногу зависат од репертоарот на театрите. Селекторот не може да избере претстави што ги нема, туку од понуденото, по сопствени критериуми, да понуди што пореална слика на театарскиот миг.

Фестивалот во своите 67 изданија поминал многу струења и кризи и на политички и на уметнички план. Каде се крие тајната на неговиот опстанок?
– „Стеријно позорје“ од својот постанок во 1956 година никогаш не бил само еден од многубројните театарски фестивали, туку бил важен општествен настан. Многу политички, идеолошки, економски, културолошки и други општествено-историски феномени се прекршувале низ повеќедецениското постоење. За неговиот опстанок и развој, наспроти драматично изменетите околности во однос на 1960-тите години, заслужни се многубројните драмски уметници, книжевници, режисери, сценографи, костимографи, композитори, работници во културата што својата животна и креативна енергија ја вградија во нашата институција и во фестивалот.

Тој е на некој начин и огледало на состојбата на српската драматургија, која во последно време рапидно се менува. Дали конвенционалната драматургија им отстапува место на новите правци?
– Драмската книжевност се менува константно уште од своите почетоци во антички времиња. Се јавуваат нови форми, жанрови, стилови. Писателите наоѓаат инспирација во современиот момент или креативно бегство од стварноста. Она што денес се нарекува драма, тешко дека би било така дефинирано во 19 век или во првата половина на 20 век. Постдрамскиот театар ги отвори новите хоризонти на драмските автори, но секако дека сѐ уште е живо класичното, традиционално драмско писмо, во најдобрата смисла на тој збор.

Кога ќе ја погледнеме архивата, паѓа в очи и учеството на театрите од другите земји што имаат продукции базирани на српската драматургија. Дали некогаш сте размислувале овој фестивал да стане регионален?
– „Стеријно позорје“ и сега е еден од најважните регионални театарски фестивали. Петнаесет години, во сите програми, редовно учествуваат театри од сите земји на поранешна Југославија, а ги угостивме и големите театарски куќи од цела Европа (Бургтеатар од Виена, Шаушпил театарот од Берлин, Кралскиот фламански театар од Брисел, Кретакор театарот на Арпад Шилинг од Будимпешта, Народниот театар од Братислава…). Многу е значајно да видиме што се случува во другите средини и да размениме искуства, затоа што и тоа е суштина на фестивалот.

Колку претстави во просек треба да изгледа селекторот и дали мислите дека тематски одреден фестивал е вистинскиот рецепт за неговиот квалитет?
– Работата на селекторот бара голема ангажираност и одговорност. Тој во селекцискиот циклус мора да изгледа осумдесетина претстави од целиот регион и да одбере 12 што ќе се најдат на фестивалот. Кога станува збор за концепцијата, „Стеријно позорје“ не е одредено ниту тематски ниту жанровски, туку идејата е селекторот, според уметничките критериуми, да ги одбере оние остварувања за кои смета дека се релевантни во овој момент. Секако, во натпреварувачката селекција може да се најдат само претстави работени по делата на домашните автори.

Каде ја гледате српската драматургија и воопшто српскиот театар во европските и светските рамки? Дали се преведува доволно?
– Современата српска драматургија, но и нашата класика, сосема сигурно спаѓаат во самиот врв на европската драмска книжевност. Кога делата од нашите автори би се преведувале повеќе на светските јазици, што би овозможило и нивно поставување на театарските сцени, ние несомнено би се докажале. Во таа смисла, „Стеријно позорје“ се труди да преведува и да објавува српски драми на англиски јазик; на фестивалот повикуваме меѓународни критичари, директори на фестивали и театри, организираме триенални меѓународни симпозиуми на театарски критичари и театролози во рамките на нашиот фестивал за промоција на српската драмска книжевност. Дали е тоа доволно? Извесно дека не е, но во овој процес мора да се вклучат и други културни и театарски институции во Србија, па работите ќе изгледаат многу подобро.