Симона Семенич, словенечки драматург

Симона Семенич е една од најголемите словенечки драматурзи. Дипломирала на АГРФТ во Љубљана. Авторка е на дваесетина целовечерни и кратки пиеси преведени на дваесетина јазици и одиграни на сцените на словенечките и на европските театри. Поважни пиеси што ги напишала се: „Ти си чудо“, „5boys.si“, „Ние, европските трупови“, „Софија“, „Гозба“, „Ние, вештерките“, „1981“ и др. Добитничка е на Прешерновата награда и на три Грумови награди за своите дела.

Како една од најпроминентните словенечки драматурзи, вашите драми се преведени и одиграни и не само на словенечките сцени. Кои се темите што ве интересираат за вашите следни дела?
– Всушност, секогаш ме интересираат исти теми. Тоа се положбата на жената во патријархалното општество, положбата на маргинализираните групи, матриците во односите на моќта, релациите меѓу личното и политичкото. Моментално размислувам да се оддалечам од сето ова, направив некоја пауза, си зедов нешто за читање и истражување и на таков начин го преиспитав својот однос кон овие теми и кон некои други, па сѐ до формата на драмските текстови и самиот театар. Би било убаво кога би бил можен сабат за уметници. Но, за жал, тоа го нема, особено не за слободните уметници, што значи дека мораме да бидеме иновативни и по тоа прашање, но во секој случај, чувствувам дека ми е потребна дистанца за да можам искрено да одговорам кои се темите што ме интересираат.

Дали историјата е мотив што би ве интересирал и дали словенечката драма е преокупирана со историјата или се занимава со современи теми?
– Секогаш ме интересирале мотиви од историјата. Историјата и митологијата (христијанска или која било друга) секогаш ми се непресушен извор на инспирација. Низ тие некакви „стари“ теми полесно ги разбирам современите или барем до некоја мера се обидувам да ги дешифрирам. Современоста не постои надвор од историјата, иако некој текст се занимава исклучиво со историја, тој, всушност, зборува за денешницата. Всушност, уште никогаш не сум размислувала со што е преокупирана словенечката драма. Не знам дали доволно читам за да можам да просудам. Но мислам дека одговорот е: денешницата. Во секој случај, иако драмата се занимава со минатото, мислам дека авторките и авторите со темата од историјата се одзиваат на сегашноста.
Добитничка сте на престижната Грумова награда. Колку оваа награда им помага на младите драматурзи во нивната кариера?
– Првата награда ја добив во 2009 година. Да, бев сѐ уште релативно млада. Мислам дека, всушност, наградата многу ми помогна. Тогаш не мислев така, но сега кога ќе погледнам назад, мислам дека без оваа награда ќе ми беше многу потешко. Како прво, наградата е медиумски добро покриена, театрите дознаваат дека постоиш, дека пишуваш, дека создаваш театар, повеќе луѓе ја читаат твојата драма и како последица на тоа постојат повеќе можности текстот да се постави на сцена. Потоа не може да се занемари ни финансискиот дел од наградата, јас имав можност да напишам уште една драма, не размислувајќи дали ќе имам пари додека пишувам.
Дали повеќе би сакале да гледате претстава работена по ваш драмски текст во режиски концепт, кој е повеќе посветен на аспектите од проблемите на таа драма, или би сакале да гледате претстава што повеќе се држи до самата драматургија?
– Всушност, на ова прашање не можам да одговорам. Нема правила. Во некои случаи употребуваат можеби само педесет отсто од драмата, но ги почитуваат докрај и твојата идеја и твојот текст. Во некои случаи употребуваат сто отсто од твојот текст, но ја уништуваат авторската идеја, можеби и не знаејќи дека е тоа, всушност, најтрагичното во вистинското старогрчко значење на зборот. И едното и другото е важно, не можам да одлучам. Во секој случај, секое поставување ми е драгоцено искуство, иако можеби не се согласувам со режисерот или режисерката, секое нивно читање е легитимно и за мене значајно.
Дали некогаш сте помислиле да напишете нешто и во некој друг книжевен род: поезија, проза?
– Напишав роман за деца, за кој исто така добив награда, децата сакаат да го читаат, по романот е поставена успешна претстава, така што со своето прозно дебитирање сум многу задоволна. Сега повторно пишувам роман за деца, на самиот почеток сум, но се надевам дека ќе успеам да дојдам до крајот. Додуша, би сакала да напишам роман и за возрасните читатели, тоа ме чека во некоја неодредена иднина.
Вашите реплики се остри, но во исто време и поетични. Дали постмодерната влијае на вас или е тоа веќе минато за словенечката книжевност и за театарот?
– Секако дека влијае. Всушност, тоа можеби и го објаснив во претходното прашање – современоста не постои надвор од историјата – современата драма не постои надвор од минатите драмски правци, сѐ што се напишало и поставило, досега довело до современата, значи и до мојата драматика. Реализмот влијаеше на модернизмот и модернизмот на постмодернизмот, едното без другото не постои. Не можам да го замислам својот однос кон своите драми без читањето на Зофка Кведер или Светлана Макарович.
Во Македонија се преведени класиците на словенечката драма, но само неколку современи драматурзи. Дали тие се доволно преведувани во Европа и во светот?
– Секако дека не. Словенечкиот јазик го разбира многу мал број на луѓе, а за да може да има многу повеќе преведени текстови ќе мора државата поактивно да се занимава со тоа, не само заради промоција на сопствените авторки и автори, туку едноставно и за да се спротивстави на културниот империјализам на поголемите народи. Мислам дека владите на малите народи би морале да го знаат, да поработат на тоа, но повеќето од нив само пропагираат празен национализам, а кога ќе дојде до љубовта, ако можам да си дозволам да кажам така, до јазикот, од тоа нема ништо. Инаку, на македонски јазик досега беа преведени текстовите „Јас, жртва“ и „Другиот пат“. тоа се текстови со автобиографски перформанси што ги изведувам и самата. Беа преведени за време на моето гостување во Скопје на феминистичкиот фестивал „Прво, па женско“ во 2019 година. Исто така, во Скопје гостуваа и „Ние, европските мртовци“ и „Сѐ уште без наслов“, според текстот „Ти си чудо“, во рамките на фестивалот МОТ. Во „Книжевни елементи“, на крајот од 2021 година, беше објавен дел од драмата „Ти си чудо“. Тоа за мене претставува значаен чекор во приближувањето на моето дело до македонските читатели, односно публиката. Пред неколку дена добив прекрасна вест, а тоа е дека македонското министерство за култура го одобри проектот на Македонскиот меѓународен театарски центар, со кој на македонски јазик се преведуваат уште четири мои пиеси. Бескрајно сум ѝ благодарна на Иванка Апостолова Баскар од македонскиот ИТИ за нејзиниот труд и истрајност.

Сашо Огненовски