Скарбо на Бит-пазар (2)

185

„Легната помешечки на подот, претпазливо се смеам во ироничното кажување на Булгаков…“, така почнува расказот „Најдобриот пријател на татко ми“ и, навистина, претпазливоста кон острото гротескно прикажување е постојано присутна во „Скарбо“ наспроти една суптилна градација, ткаење на проѕирна, полна со насетувања атмосфера, што, до некаде, ако се поврзе со постапката на руските мајстори, му должи на чеховскиот раскажувачки манир и уште повеќе на долгите незаборавни интимни кадри кај Тарковски. Но… уште еднаш да се вратиме на задната корица на книгата, каде што, покрај мироовскиот портрет од малечката роднина Лидија, Владова во двете допишани реченици се изјаснува за два важни факти од нејзиниот живот: првиот, дека засекогаш го сака Алојзиус Бетран и, вториот, живее на Бит-пазар. Бит-пазар со чаршијата, со стрмните сокаци и прилепени куќички, е тесниот магичен простор на сентименталното и на духовното созревање. Таквиот таинствен, а приврзан предел бара мистериозна и заштитничка владетелка: „… Седејќи на прагот, јас сум надвор од големите, силни шурки што ги блујат црните змии на цревата. Го мијат Бит-пазар. Боса трчам по измиените плочи на Старата чаршија, шлапкам пред излозите на малите дуќанчиња во кои ‘обичните’ стоки се преобразуваат во егзотични, скапоцени предмети за најпрефинети вкусови…
Месечината излегува зад облакот, паѓајќи во потпорната мрежа на гранките на Големото Дрво – Селена, Луна, Месечина – и уште колку имиња за неа што е обична, неизнасилена светилка над мојот двор?

Вечерва не читам и немам чувство дека времето напразно минува. Знаејќи дека Скарбо се лула на Големото Дрво, долго, долго, долго, долго… мислам на Алојзиус“.
Навидум, Бит-пазар има малку допирни точки со средновековните градови и пејзажи од легендите, од бајките, од трубадурската поезија, од каде што Алојзиус Бертран ги презема мотивите на своите фантазии. Но внимателниот (и веројатно, како Владова, набргу вљубен) читател на „Гашпар Ноќникот“, ќе се соочи со необичната соновидна атмосфера, што низ магичен, речиси бајачки шепот ги поврзува надреалните песни во проза на Бертран. Мелодично и просторно исцизелирани и изнијансирани, зборовите кај Бертран впечатливо ја поседуваат лирската асоцијативност, што на неговите „фантазми“ им дарува не само ониричен туку и езотеричен штимунг, еден од најпосакуваните кај творците на т.н. лирска проза. Впечатокот при читањето на ваков тип проза, без оглед на степенот на нагласеноста на „јас“ обраќањето (многу позастапено кај Владова отколку кај нејзиниот инспиратор Бертран) или на истенченоста и нијансираноста на лирските слики…, е дека ја испишуваат прекрасните губитници, оние што чувствувајќи ги сопирачките и стегите наметнати од времето и свеста успеваат да излезат од нив и сетилниот или носталгичниот податок да го преобразат во целосно внатрешно патување. Во расказите на Владова, особено кога лиризмот е поткрепен од „женскиот“ одговор на „машката“ фалократска вистинољубивост, се работи за своевидна постмодернистичка литературна стратегија (би цитирал еден навидум куриозитетен, но доста индикативен исказ од „обратната“ страна на планетарниот номад Леонард Коен за односот кон Едит Пјаф: „Веднаш се вљубив во неа. Ја замислувам на сцената, облечена во црно. Затоа што имаше скршено срце може да ги скрши и нашите. Беше тоа една безнадежна жена…, како и јас. Да, јас сум една безнадежна жена“). Се чини дека наспроти некои други феномени на постмодерната проза (фрагментација, дисперзирање, цитатност, интертекстуалност, белина…), за кои доста се дискутира и се пишува, постапката на т.н. „поетизација“ не ѝ ја донесува на прозата само очекуваната полидимензионалност туку и квалитет на инаквост, другост што во однос на доминантната стварносна раскажувачка традиција во македонската проза до 1980-тите дејствува и провокативно и пожелно.

Автор: Александар Прокопиев

(продолжува)