Карин од „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ навидум изгледа како наивен и невин лик, а всушност е многу снаодлива девојка. Таа влегува во целата приказна како можна жртва, а излегува како рамнодушен антагонист, вели Сара Анастасовска

Сара Анастасовска, актерка

„Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е претстава од германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер, а во режија на Ивица Димитријевиќ. Текстот е напишан кон почетокот на 1970-тите години, базиран на неговата сопствена драма, со кој авторот стекнува и голема светска слава. Претставата има целосно женска екипа, а сместена е во домот на нарцисоидната протагонистка Петра фон Кант. Ја следи променливата динамика на нејзините односи со другите жени. Oтворено зборува за љубовните односи меѓу жените. Петра брзо и лудо се вљубува во Карин. Признава дека е вљубена во Карин, но самата Карин може само да каже дека ѝ се допаѓа Петра. Приказната на протагонистката Петра е раскажана во пет чина, притоа секој од нив ги прикажува психолошките состојби на главниот лик. Сара Анастасовска ја глуми Карин, која вели дека претставата отвора голем број прашања во кои секој може да се препознае.

Каков лик е Карин Тим?
– Во „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ секој лик ви дава причина и да го сакате и да го мразите. Голем дел од пораките што ги носат ликовите се критика на нешто. Кога станува збор за Карин Тим, на Сара не ѝ се зборува за Карин, колку што на Карин не ѝ се зборува за себе. Карин е антитеза на протагонистката Петра фон Кант. Петра фон Кант е нарцисоидна модна креаторка од високата социјална класа, успешна и моќна, додека, пак, Карин е своеглава млада жена од пониската социјална класа што го посакува успехот што Петра го поседува. Навидум изгледа како наивен и невин лик, а всушност е многу снаодлива девојка. Таа влегува во целата приказна како можна жртва, а излегува како рамнодушен антагонист. Од една страна овој лик дава критика за тоа што бара општеството од помладата генерација денес и што таа генерација има да понуди, што бара од тие што немаат моќ, што бара од тие што не потекнуваат од угледно, просперитетно семејство. Дали воопшто овие луѓе имаат шанса да го најдат своето место во светот? Дали денес шансите и можностите се еднакви за сите? Која е цената за еден човек од дното на пирамидата на капиталистичкиот систем да се искачи скалило погоре? Образование, знаење, талент, труд, работливост, одговорност, посветеност… Јас и покрај сѐ би рекла „да, тој е патот, така треба да биде“, но Карин ни покажува дека сѐ што треба е да знаеш како да се продадеш и да извлечеш жива глава во сите суптилни игри на моќ и доминација.
Како го акцептиравте ликот на Карин? Беше ли предизвик да се одигра Карин?
– Сите ние во животот имаме некаква мотивација, порив што ни помага да стигнеме до нашите цели. Како актерка секогаш се трудам најпрво да го најдам тоа кај ликот, да ја откријам главната цел на ликот. При првото читање на драмата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“, веднаш се врзав за информацијата дека родители на Карин се мртви. „Тато ја уби мама и потоа се обеси, затоа што сметал дека за него и неговата жена нема место на овој свет.“ Целиот фокус во почетокот на процесот ми беше насочен кон оваа реплика, кон овој факт. Заглавив и во едно истражување што изгледаше како да нема никаква поента. Читав вистински животни приказни од луѓе што ги изгубиле родителите на млада возраст, бидејќи сакав да видам кои се последиците од оваа траума. Но ова не ми помогна, нормално, зашто траумата не го дефинираше ликот туку беше нејзиниот мотор за борба. Мотивација да направи сѐ, само за да не заврши како нејзините родители. Овој заклучок ме поврза со ликот, нејзините желби и соништа, нејзините стравови и нејзините одлуки.
Што допре најсилно до вас од приказната на Петра фон Кант?
– Во текот на процесот поминував низ повеќе различни прашања и емоции. Различни работи допираа до мене. Но ако одговорам што допре најсилно до мене од овој момент сега, од оваа дистанца тогаш, тоа е прашањето – дали денес воопшто постои љубов. Искрена, чиста и безусловна. Дали знаеме да сакаме или само сакаме да бидеме сакани?
Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е базирана на целосно и внимателно одбрана женска актерска екипа. Какво искуство ви беше претставата?
– Конкретно овој театарски процес, оваа претстава и овој лик ми се посебно драги затоа што ова е мое прво искуство како дел од професионална театарска продукција и истото тоа беше проследено со огромна поддршка од целата екипа. Имав можност да работам со екипа што досега со воодушевување сум ја гледала само како публика на сцената на МНТ и пошироко. Имавме огромна креативна слобода и многу убава работна атмосфера, ова е процес што дефинитивно би сакала да се повтори. Од друга страна, мислам дека досега не сум гледала претстава кај нас што се состои само од женски ликови и женски актерки и таква претстава е неопходно да постои, да се игра и да се гледа.
Серијата „Фамилијата Марковски“, долгометражниот филм „Ефектот на среќа“, краткиот филм „Прашливи цвеќиња“, различни сценски форми се дел од вашето актерско портфолио… Која сцена ви е најпредизвикувачка за глума?
– Се чувствувам како да припаѓам и на филмската и на театарската сцена и се надевам дека ќе имам можност да се надградувам и развивам како актер на двете сцени.
Какви амбиции имате за во иднина?
– Амбициите и стремежите се тука некаде, но во овој момент чувствувам дека имам потреба да бидам спонтана и да оставам на работите да се случуваат сами по себе. Мислам дека последниве две години пренесоа порака дека не можеме да знаеме што доаѓа утре. Затоа без големи очекувања, без форсирање, тоа што треба да дојде ќе дојде.