Започнат во 1995 година како израз на културниот отпор на војната во Босна и Херцеговина, „Сараевскиот филмски фестивал“ знае од сопствено искуство колку се вредни солидарноста и поддршката од овој вид, велат организаторите

Како меѓународен филмски фестивал со фокус на регионот на Југоисточна Европа, „Сараевскиот филмски фестивал“, кој годинава ќе се одржи од 12 до 19 август, ќе ја вклучи и Украина во своите официјални програми: натпреварувачки програми за играни, документарни, кратки и студентски филмови, програмата „Во фокус“, програмата Денови на филмската индустрија на „Синелинк“, наменета за филмски професионалци, и програмата „Талентс Сараево“, која е наменета за новата генерација филмски надежи од регионот.
– Фестивалот ќе започне и со резиденцијална програма за филмските работници од Украина, кои ќе работат на нивните развојни или постпродукциски проекти во Сараево во соработка со водечките босански и меѓународни експерти од светот на филмот, по што ќе бидат претставени на Деновите на филмската индустрија на „Синелинк“ – соопшти дирекцијата на „Сараевскиот филмски фестивал“.
Оттаму додаваат дека украинската делегација ќе биде поканета на „Синелинк“ со цел да се запознаат со можностите за копродукција и соработка со филмски професионалци од Југоисточна Европа.
– Во обид симболично да го означи почетокот на оваа соработка, „Сараевскиот филмски фестивал“ на својот канал на Јутјуб го објави филмот „Рефлексии“ на украинскиот режисер Сергеј Лозница, дел од омнибусот „Мостови на Сараево“ од 2014 година, кој по повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна собра 13 значајни европски режисери, кои преку своите филмови ја истражуваа темата за Сараево – наведуваат од „Сараевскиот филмски фестивал“.
Исто така посочуваат дека на овој начин фестивалот се солидаризира со украинскиот народ и филмските работници и ја осудува руската инвазија на Украина.
– Започнат во 1995 година како израз на културниот отпор на војната во Босна и Херцеговина, „Сараевскиот филмски фестивал“ знае од сопствено искуство колку се вредни солидарноста и поддршката од овој вид – велат организаторите.