Кон култниот македонски филм

Пролетта 1996 година, во скопската киносала „Центар“, премиерно беше прикажан филмот „Самоуништување“, во режија на Ербил Алтанај, по сценарио на Сашко Насев, со Јовица Михајловски во главната улога. Дваесет и пет години подоцна се обидуваме да ја „измериме“ неговата важност во македонската кинематографија и културната јавност, посочуваат од Кинотеката на Македонија.
– „Самоуништување“ е урбана трагикомедија, чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма што може да се смести и во кое било време и место… Се појавува на почетокот на т.н. транзициски период на македонското општество, но, секако, побитно од продукциски аспект, и на македонската кинематографија. Ако периодот од 1960-тите години до крајот на 1980-тите години во македонската кинематографија доминираше „биполарниот“ модел на продукција, државниот продуцент „Вардар филм“ и филмските работни заедници на авторите, во почетокот на деведесеттите почнаа и приватните продукции. „Самоуништување“ е резултат на новосоздадената продуцентска куќа „Нова продукција – Скопје“, формирана наменски за реализација на овој филм од страна на Јовица Михајловски, Георги Симеонов и Сашко Насев – вели филмскиот проследувач Стојан Синадинов.

„Самоуништување“ е дебитантски долгометражен игран филм на режисерот Ербил Алтанај, кој има интересна биофилмографија. Во 1970-тите години е дел од новиот бран на кинематографијата во родната Турција, чиј заштитен знак е политичкиот ангажман од левичарска провениенција, најчесто како прв соработник асистент на Зеки Октен, еден од најзначајните филмски автори во турската кинематографија на преминот на двата века, како и на Мехмет Аслан, Ергин Орбеј.
Според Синадинов, три елементи го одредуваат филмот како уникатна појава во македонската кинематографија.
– Првиот е јазикот на Сашко Насев. Тој во дијалозите е и сочен и „сточен“, но револуционерен за македонската кинематографија во тој период. Дијалогот можеби стилски е инспириран од јазикот на Чарлс Буковски во неговите раскази и романи, но во манир на автохтон и полнокрвен скопски сленг, кој во „Самоуништување“ не е проста поза, туку е „природен како млеко“. Вториот е ликот на Куплунг во интерпретација на Јовица Михајловски. Уникатен според бестијалниот карактер на сексуален предатор, тој саможив балканоиден мачомен на Михајловски веднаш по премиерата на филмот стана општопопуларен „чичко Куплунг“, антихерој со култни и често цитирани реплики. Третиот елемент е визуелното „пакување“ на претходно кажаното. Порано тоа го нарекувавме едноставно режија. Ербил Алтанај е од оние автори – но пред сè личности – кои доблестите ги наоѓаат во скромноста и во занаетот – смета Синадинов.
Според него, во овој четврт век од настанокот на „Самоуништување“ македонската кинематографија е неповратно сменета, од секој аспект.
– Можеме ли да тврдиме дека и „Самоуништување“ е камчето во тој мозаик, како она камче фрлено во вода што создава концентрични кругови? Веројатно можеме – заклучува Синадинов.