По повод празникот на градот Виница, Павловден, музејот „Теракота“, во соработка со Општина Виница, ја промовира книгата „Римско оружје и наоди од I до VI век во Р. С. Македонија“ од Бошко Ангеловски, денеска, во 20 часот, во галеријата „Теракота“. Промотори на книгата се професорите Виктор Лилчиќ Адамсен и Марјан Јованов од Катедрата за археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Книгата на авторот д-р Бошко Ангеловски опфаќа еден интегрален пристап кон проучувањето на проблематиката на римското оружје генерално и наодите од просторот на Македонија, од периодот на римската доминација, користејќи интердисциплинарен модел што произлегува пред сѐ од сложеноста на темата. Авторот покрај веќе апсолвираните сегменти што се однесуваат на типологиите на оружјето што биле во употреба низ периодот на римската воената историја, дава осврт на примероците што потекнуваат од просторот на Република Македонија, правејќи обид да ги интегрира за првпат на едно место, со оглед дека материјалот од нашата земја досега бил само парцијално обработуван, споменуван во контекст на некои други пошироки теми и презентации.
Книгата ги разработува офанзивното и дефанзивното оружје од предметниот период на 173 страници текст и прилози, во седум поглавја и потпоглавја, во кои е даден осврт на воените околности, односно административната поделба на нашата земја во периодот на римската доминација, како и распоредот на римските воени единици во обработуваниот период, за што информации даваат историските извори, но и епиграфските споменици откриени на теренот на кој се споменува нивното присуство. Во тој контекст е даден и осврт на историските извори што ја обработуваат римската воена историја, како и типологијата на оружјето за одбрана и напад, неговите специфики и влијанија од другите народи во дефинирањето на конечните форми.
По промоцијата, а во контекст на темата што ја обработува книгата, во музејот „Теракота“ ќе биде отворена изложбата „Оружје и опрема од Виничко кале“, на која ќе бидат презентирани наоди од истражувањата што сведочат за силниот милитантен карактер на тврдината.