Јован Ристовски е режисер во Народниот театар во Битола. Има режирано повеќе претстави, а се потпишува и на првата македонска претстава на знаковен јазик, „Три“, која, како што вели, е идеален пример на инклузија, а притоа да не станува збор за семинар, полемизирање, покажување, филозофирање на темата

Јован Ристовски, режисер

Кој беше предизвикот да ја направите првата претстава на знаковен јазик?
– Мотивот, волјата и љубопитноста се секогаш мотор за човек да се впушти во нови предизвици. Животот е убава чудна непосредна мистерија. Тој е процес, енергија и е бескрајно непредвидлив. Понекогаш сум претерано емотивен, или поточно – емпатичен. Страшно ме погоди една приказна точно пред 11 години. Не бев свесен за животот на глувонемата популација во нашата земја, сѐ до моментот кога на детски интернационален музички фестивал, кој го режирав во Битола, поканив ученичка како претставник од единственото специјализирано основно училиште за глувонеми деца во нашата земја. Таа на крајот на музичкиот фестивал ја интерпретираше пораката што сакав да ја споделам со сите во публиката. На крајот од таа вечер дознав дека нејзините соученици што беа присутни биле пресреќни што присуствувале, никогаш дотогаш не биле на музички настан, беа возбудени од кореографијата, адреналинот, сценското светло, ефектите, иако не ја слушале музиката, овие глувонеми деца едноставно уживале. Што да ви кажам, тивко плачев на нивната среќа и радост. Без да знам, несвесно сум ги направил пресреќни. Тогаш, си ветив дека еден ден ќе им направам претстава на знаковен јазик, кој глувонемата популација го нарекува мајчин јазик. Мислев дека знам што значи хуманизам, активизам и хуманитарност, иако сум ги изучувал и истражувал овие појави во општеството, но всушност ништо не сум знаел. Од оваа идеја, па сѐ до реализацијата научив што значат тие поими. Претставата „Три“ беше идеален пример на инклузија, а притоа да не станува збор за семинар, полемизирање, покажување, филозофирање на темата. Заедно со целата екипа направивме инклузија во вистинска семантичка смисла на овој во денешно време многу често користен и спомнуван збор. Благодарен сум ѝ на целата екипа и за поддршката на Германска меѓународна агенција за соработка што ја препознаа оваа идеја. Ете, така влеговме во историјата и во уметнички и во социјално-општествен контекст, како пионери и основоположници на оваа категорија театар, односно театар на знаковен јазик за глувонеми.

Беше ли тешко да се реализира претставата „Три“, како се снајдоа актерите во гестикулативниот знаковен јазик, какви истражувања и подготовки беа потребни?
– Немав од каде да се послужам со каков било академски метод на работа наменет за оваа идеја. Сам развив стратегија и методологија како да го реализирам сето ова. Имавме професионален тутор за знаковен јазик, но суштината не е само да ги научите знаците или знаковната гестикулативна азбука, суштината е да ги разберете умот и перцепцијата на глувонемите, што значи да се биде глувонем, да се ставите во нивните чевли и одблиску да почнете да ги разбирате како функционираат во еден обичен ден, што сакаат, како размислуваат, кои се нивните потреби итн. Голема е темата за нешто што како граѓани не сме ни информирани. Имавме приватни разговори со млади глувонеми лица, постари, деца. Исто така и со членови на семејства што имаат глувонеми деца или родители. Се разбира и со стручни лица, учители, дефектолози, со кои бевме во секојдневен контакт. Ако во образовниот систем сме учеле сѐ за некои народи, раси, култури, јазици, зошто да не учиме и за овие лица што се околу нас, на улица, во кафуле, во соседството? Актерите поминаа низ благороден процес. Во исто време да говориш текст, да играш лик, да дејствуваш на сцена како актер и да го интерпретираш знаковниот јазик – тоа е сериозна и одговорна задача.
Какво школо беше оваа претстава за вас, за актерите, за публиката, за општеството?
– Вонвременско. Бесценето. Чувство на цивилизациско ниво и моќ на нашиот вид како луѓе дека без разлика на какви било пречки сме нашле начин за премостување на проблемите. Навистина сме неверојатни како вид. Ние сме суштества способни за комуникација со себе и со светот надвор од себе.
Овозможивте секој да ги проследи овие универзални пораки, какви емоции ви побуди „Три“?
– Радост, љубов од филантропски размери. Но веќе не станува збор само за емоции. Од искуството што го поминав со претставата „Три“ ми се промени и сфаќањето за театарот, за уметноста, за тоа каква е улогата на уметноста денес, каде сме стигнале како цивилизација. Факт е дека луѓето, посебно во Македонија, не се ни свесни колку не знаат, потоа доаѓа чинот на признание дека не знаеме за некои нешта, па започнува процесот на истражување и дознавање како да научиме и најбитното како да станеме подобри луѓе кога човечката цивилизација има можност да стигне најблиску до суштината на битисувањето.
Ова е само еден индивидуален пионерски чекор да ѝ се доближи театарската уметност на глувонемата публика. Има ли услови за развој на вистински инклузивен театар?
– Пред сѐ, ситуацијата со театарската уметност во нашата земја е многу дискутабилна и не е баш на завидно ниво. Различни се причините, од политички размери, до дискутабилното образование во основните школи, факултетите, начинот на воспитувањето на родителите, што народот третира како вредности, и самите ние театарџиите. Магливо е. Нејасно. Изгубена е комуникацијата на креаторите со публиката и обратно. Не разговараме за можни конструктивни решенија. Театарските куќи работат по некој стар шаблон во креирањето на репертоарската политика. Нема разговори, нема размена на мислења. Како народ повеќе потценуваме отколку што вреднуваме. Многу малку комуницираме. Дури и во едно кафуле младите слабо комуницираат меѓу себе, а замислете на повисоко ниво. Ние како народ веќе не комуницираме меѓу себе, генерално се мразиме или се плашиме. За да не биде ова инцидентна претстава, треба многу нешта да поправиме во основата, во темелите, во суштината, за оваа нормалност да стане нормалност, а не инцидент. Затоа отворив граѓанско здружение, но нема да убедувам ниедна државна институција дека ова што го правиме е добро и потребно.


Претставата е дел од центарот за современа уметност и култура АТО, за какво здружение станува збор?
– АТО е збор за уметност на јапонски јазик, се третира како сленг во јапонскиот јазик. Всушност настанал како недоразбирање меѓу Јапонец и Американец, наместо арт, Јапонецот слушнал ато. Таквите случајности и ненамерности за мене се секогаш прифатливи, ненаметливи, спонтани. Исто како кога случајно ќе се вљубите. АТО сѐ уште нема свој простор, иако постои една година. Почнуваме со бебешки чекори, се стремиме да ја поврземе уметноста со новата технологија. Тоа што фали, да го понудиме, тоа што го нема – да го донесеме. Тоа што не очекувате, да се случи.
Какви прашања сакате да иницирате со вашите претстави?
– Вистината. Она што народот се плаши да го изговори. За вистините со кои не се соочуваме, за премолчените нешта што се причина за создавањето на проблемите. Уметниците се трето око што никогаш не зазема една или друга страна, туку едноставно да ги прикажуваат и прифаќаат нештата онакви какви што се. И да, прашања за идните можни светови. Живееме во прекрасна ера, сведоци сме на сериозни промени на човечката цивилизација. Милувам да кажам и да ја дефинирам како ера на новата ренесанса и хуманизам.
Од вашето досегашно искуство, како ја оценувате состојбата на театрите во земјава?
– Актери уметници ги водат политичките кампањи. Гласно заземаат политички страни. Па каква да биде ситуацијата во театрите? Тоа можеби и не се уметници, туку само добри манипулатори, веќе не знам. Разбирам да си симпатизер на политичка партија, но ако сака човек да се занимава со оваа професија, недозволиво е да е политички јавен чинител. Политиката владее со театрите, ми се чини отсекогаш. Раскарани колеги меѓу себе поради политика, тажно е, непријатно. Има светли треперења, надежи, тоа се тие претстави што се деконтаминирани од сите политички влијанија, каде што актерите и сиот креативен тим создаваат чист театар. Проблемот можеби потекнува од самиот почеток, односно од Факултетот за драмски уметности, кој одбира кои кандидати ќе студираат. Приватните факултети, исто така. Комисиите што решаваат кој да работи, а кој не… Не сум толку паметен за да дадам сам решение за ова, ама со отворена комуникација верувам дека ќе се најдат добри конструктивни решенија, и не само за театарот. Најбитно е да не молчиме.
Какви задачи си давате себеси како режисер?
– Мешавина од возможни и невозможни. Таму помеѓу тие две нешта секогаш се појавуваат нешта за кои не сте ни помислиле дека постојат.