Од 5 до 7 август, во Стар Дојран, ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“. Станува збор за фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и автори што живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земји, прв филмски фестивал од ваков формат во Македонија, кој ќе го збогати културниот живот во градот и околината и традиционално ќе се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото.
„Преку езерото“ е иницијатива предводена од Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент.
За ова прво издание се селектирани девет исклучителни кратки филмови од осум медитерански земји, со актуелни теми што се раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот.
Во главната натпреварувачка програма се филмовите: „А ла карт“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис, Грција; „Пресуда“ на Дора Јунг, Србија; „Марко“ на Марко Шантиќ, Хрватска; „Перики“ на Ангела Димеска, Македонија; „Виножито“ на Александар Вујовиќ, Црна Гора; „Криминалци“ на Серхат Караслан, Турција; „Што не знаеме за Маријам“ на Морад Мостафа, Египет; „Светиот син“ на Аљоша Масине, Италија; и „Поглед од балкон“ на Арис Капланидис, Грција.
Покрај главната програма, во рамките на фестивалот ќе се прикажат и неколку долгометражни филмови од медитеранските земји, кои се истакнале по особениот пристап на темата што нуди нов поглед на нештата, кој го поттикнува дијалогот помеѓу различните култури, општествени групи, нации. Ќе се одржи и мастерклас на темата „Трагањето на сценаристите по вистинското значење на темата во нивните сценарија“. Мастеркласот ќе го води докажаниот скрипт-консултант Џон Стивенс од Англија.
Меѓународното жири што ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција ќе го предводи истакнатиот грчки режисер Василис Мазоменос, а членови на жирито се Гоце Кралевски, продуцент, и Ева Камчевска, сценаристка, од Македонија.