Прдикокос – секвенци

Човекот ја преминува Партизанска да купи цигари во трафиката. За среќа, семафорите се на зелено и додека, релативно лежерно, ги игнорира прдечките автомобили што чекаат во долга редица, одеднаш не може да се сети како се викаше марката цигари, единствено дека е со три букви.
– ? – го чека продавачката.
– Цигари со три букви.
– ?
– „Емо!“ – викнува и веднаш му е јасно дека утнал, „Емо“ беше (одамна веќе не е) охридска фабрика за бела техника.
– „Оме“ – го поправа продавачката.
– Да, „оме“ – потврдува изнервирано и помалку изгубено. – Како не можев да се сетам?! „Оме“. Ом….- е!“.
Во истата таква изгубена нервозна состојба, нарачува макијато од автоматот пред трафиката, запалува цигарче (иако обично не пуши на улица) и со пластичната чаша во едната и цигарчето во другата, се придвижува по тротоарот.
По педесетина чекори, пред него се испречува автомобил што од булеварот сака да се паркира на тротоарот, точно пред еден велосипедист што запира пред него. И двајцата не се помрднуваат, иако имаат доволно простор и време да го направат тоа.
Точкаџијата почнува да вика, возачот со очила за сонце го отвора прозорецот и тој почнува да вика. Обајцата имаат силни бесни гласови, што одекнуваат и покрај бучавата од згуснатиот сообраќај.

Му се причинува дека возачот, иако со темни очила, му е однекаде познат, дали беше оној, како му беше името, комшијата од Багдадска, се обидува да се сети кога типот, истовремено џвакајќи мастика и пцуејќи, разгневено истрчува од автомобилот. „Што им е на овие двајцата, ќе се степаат, во каков идиотски циркус упаднав“, гледа околу него – како да ги снема луѓето, нема жива душа додека овие веќе се зграпчија и почнаа да си ги тресат рамениците. „Да му се сневиди, каде е сега таа полиција, да си одам од тука“, испрекинати мисли му се вртат низ главата, ама нешто искубано меѓу раступаното срце и гркланот го тера да собере сила и исклештен, со испотени дланки, да им се приближи на двајцата настрвени тепачи.
– Смирете се, ве молам, нема смисла да се карате за џабе – со тенок глас се обиде да се вмеша во бесната викотница на силеџиите, но очигледно е дека суштествата од подземјето не го фермаат.
Велосипедистот го фаќа возачот за брада, овој му удира шлаканица.
– Внимавајте, ќе се повредите, луѓе… Спуштете го фитиљот – се потсетува на реченицата што ја користеше дедо му кога во кујната на семејната куќа во Мара Јосифовска бр. 6 ќе се скараа нана и тета. Но во меѓувреме велосипедистот му удира силен бокс во вилицата на возачот, по што овој паѓа како покосен, а темните очила му се тркалаат по тротоарот.

Вкопан во плочникот, гледа во паднатиот човек што се витка од болки по тротоарот и другиот што го клоца: – Помош! Има ли некој? Помош!
– Стоп! Стоп! – одеднаш се слуша метален глас што како да доаѓа од звучник.
Однекаде се стрчаа уште двајца, едниот со камера на рамото, другиот со мегафон: – Стоп! Стоп! Од каде се појави, бе ти?! – го гаѓа со истото прашање што и тој сака возвратно да му го постави.
Му станува јасно од каде му е познат возачот, особено сега, кога не е скриен зад темните очила. Не му е комшија, туку тоа е оној македонски актер што играше епизода во „Преспав“.
„А јас се изнервирав што ја заборавив марката цигари“.