Книжевниот фестивал „Друга приказна“ ги повикува сите млади љубители на книжевноста и културата да ни се придружат во реализацијата на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“.
– Потребни ни се ентузијастички, љубопитни и ажурни волонтер(к)и што сакаат подобро да ја запознаат и да се вклучат во книжевната и културната сцена во Скопје и да се подружат со писатели, критичари, уредници, уметници и теоретичари од земјава и од регионот. Претходно волонтерско искуство е предност, но не е неопходно. Волонтерите ќе имаат можност да се запознаат со процесот на подготовка и реализација на фестивалот, а во зависност од своите знаења и интереси ќе можат да помогнат во различни сегменти од организацијата на настаните, во комуникацијата со гостите, да учествуваат во создавањето медиумски и други текстуални содржини. Фестивалот има предвидено покривање дневница за волонтерите – посочуваат од „Друга приказна“.
Скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“, во организација на издавачката куќа „Темплум“, по седми пат ќе се одржи на 26, 27 и 28 август. Оваа година на фестивалската тема „Нова писменост“ ќе се обединат триесетина врвни книжевни имиња од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и од Црна Гора. Трите фестивалски дена ќе бидат исполнети со разговори, промоции, уметнички изложби, книжевни читања, предавања, работилници…