Издавачката куќа „Готен“, во рамките на проектот „Превод во движење“, го организира настанот „Патувањата на преводите; разговор со Екатерина Петрова, Румена Бужаровска и Владимир Мартиновски“. Модератор на настанот е Владимир Јанковски. Настанот се одржа во кафе-книжарницата „Буква“.
Повод за разговорот е преведувачката резиденција на Екатерина Петрова, која во јуни престојуваше во Скопје и работеше на преводот на бугарски јазик на збирката раскази „Мојот маж“ од Румена Бужаровска. Досега Екатерина Петрова работела и на преводот на книгата „Ехо од бранови; хаибуни“ на Владимир Мартиновски, па настанот е можност за дијалог меѓу преведувачката и авторите на чии преводи работела.
Во текот на разговорот се разговараше на теми поврзани со поетиката на книжевниот превод и начините на кои преводите ги надминуваат границите на националните книжевности, како и за преводот и книжевната и културната комуникацијата меѓу македонските и бугарските автори.
Екатерина Петрова е книжевна преведувачка и авторка на есеистички книги. Има завршено постдипломски студии за книжевен превод на Универзитетот во Ајова, САД. Активно се занимава со превод на дела од бугарски автори на англиски јазик и обратно, а предава превод и на Универзитетот во Софија. Во 2021 година ја објавува збирката есеи/патописи „Трагач по нешта: 44 (не)обични предмети одблиску и оддалеку“.
Румена Бужаровска е македонска писателка и книжевна преведувачка. Работи како вонредна професорка по американска книжевност на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Објавила четири збирки раскази: „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“.
Владимир Мартиновски е поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антологичар. Работи како професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Објавил повеќе од 20 книги поезија, проза, книжевно-теориски и есеистички книги и антологии.
„Превод во движење“ е проект чија цел е збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа, а особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамките на резиденцијалните престои, преведувачите работат на конкретни книжевни преводи и имаат можност дополнително да се запознаат и да ја истражат македонската литературна сцена.
Проектот „Превод во движење“ е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.