Обредноста на пеењето

Кон стихозбирката „Слези“ од Фиона Сампсон, „Перун артис“ 2022, Битола, препев: Сашо Огненовски

Од двата основни пристапа кон версификаторски суптилните, енергетски моќни стихови на Фиона Сампсон, го избирам нивното преплетување – меѓу потребата да се внесе во самостојниот организам на поетската творба и, од друга страна, во психодоживувањата на една ретко изнијансирана авторска приемчивост што поетесата несомнено ја поседува. Како долгогодишен содружник и длабок приврзаник на нејзиното поетско умеење, читателски ги следев нејзините потраги кон душевните и духовните согледби.
Поетската збирка „Слези“ („Comedown”) ја сочинуваат пократки и подолги лирско-рефлексивни песни, кои наспроти дискурсивноста, се хранат од приемчивоста на трепетливата свест. Поезијата на Фиона Симпсон, било таа да е инспирирана од глетка, од предел, од судбината на Мери Шели и нејзините ликови, е во преливно минување, фасцинантно монтирање низ отворените прозорци на зборовите. Ако нејзината лирика поседува драматичност, таа не е планирана, туку се случува во мигот и, како во музичка партитура, тече низ нејзиниот, исто така проточен, простор, колку надворешен, уште повеќе имагинативен. Светло/темно, систола/дијастола, стоечка вода/поток… двојакости што содржат сложени количества сродност на она што е кажано и на она што ќе се каже. Оттаму и впечатокот меѓу едноставност испреплетена со асоцијативна вдлабоченост додека ги читаме и ги доживуваме песните на Фиона. На пример:… кофа на портата/ траги од оние што заминаа/ само утрово/ пред векови/ и дали е тука/ во света пантомима/ дека одеднаш коњ/ се накрева и се накрева без звук/ блесок и тока/ и змејот запечатен/ на копјето на светецот/ се враќа назад/ од грнежот на копитата/ во тишина крај главата… („СЛЕЗИ“).

Влогот е емотивен, мисловен, интуитивен, поетесата го внесува во стиховите, жртвувајќи ја, на некој начин, сопствената минливост низ мудроста на своите и претходни искуства. Од тој спој се доаѓа до неочекувани пресврти во текот на песната:…Носејќи ја ноќта/ Во неговата кожа/ Носејќи крзнена кожа/ Од бор и камен/ Што е ова/ Со зовриени атоми/ На неговата кожа/ Што минува/ што беше закопан/ И од каде што/ Беше подигнат/ Не од љубовта/ Од моќта сама/ Подигнат од смртта/ И натеран да премине/Повторно низ неговото сопствено/ Умирање коe/ Се слизнува/ Меѓу карпите (како Како што вoдопад/ Го осветлува Мракот)… („ГОЛЕМ НА ФРАНКЕНШТАЈН“).
Преместувањата на сетилните поводи во внатрешни сензации преку зборови, подзаборавени, заскитани, вратени со љубов, ја хранат поезијата на Фиона со движења и насетувања ретки во современата европска поезија:… Кога кокошките стојат врз водата/ Не пловејќи туку застанувајќи да ја пасат/ Темната сјајна вода каде што стојат/ Ѕурејќи како да нема ништо друго/ Освен вообичаеното слизнување/ Надолу по испустот за пасење/ Светот свртен наопаку/ Од водата каде што тие самите/ Чекаат и ќе чекаат со векови… („ПРИСТАН“)
или: И каде во ноќта/ Утките треперат како партали/ Заглавени/ Над плимата/ Повикувајќи ме/ Од сонот/ Диво дете/ Диво дете… („БРОДСКА ПАТЕКА“).
Да, тоа е Фиона Сампсон, дивото, номадско дете – поет, што патувајќи го впива секој кусотраен светлосен миг за да, на убедлив начин, ги синтетизира ликовните, музички и мисловни проблесоци во своите отмени стихови.