Објавена публикација за самохраните мајки

Во издание на „Една може!“, граѓанска организација за родова еднаквост и унапредување на правата на девојките и жените од маргинализирани категории, излезе публикацијата „Компилација мегафон 1: Анонимна реалност/дојави од самохраноста“. Првпат е создаден ваков тип женско писмо, сведоштва за начинот на живот низ самохраноста, кој има цел да служи за застапување на правата на самохраните мајки во земјава, но и за сензибилизирање на јавноста за самохраните родители.
Претседателката на „Една може!“, Дороти Пачкова, е авторка на овој многу важен, како што вели „самосоздаден“ документ, кој е прв од овој интердисциплинарен тип, директно произлезен од работата на терен и контактот со целната група.
– Честа да се предговори на овој прв женски мегафон, кој долги години се крчка во мене, ми прави да немам премногу зборови за него, што, пак, ме потсетува на детските денови, кога толку многу имав да кажам пред училишна табла, зошто искрено учев и многу читав, но устата ми се лепеше и колената ми се тресеа, поради енормните емоции од самото излегување на табла. Колку и да се тресат колената и да се лепи устата, научив и учам, секој ден, да говорам за сите доживувања што ги искусувам, јас и оние со кои сум во интеракција, па така и сега. Ова женско писмо е мегафонот преку кој анонимните реалности на самохраните мајки, на оние на кои им се тресат колената и ден-денес, допираат до широката јавност – вели Пачкова.