Седумдесет и седум години постоење на Македонскиот народен театар, години со неизмерна љубов кон сцената, години во кои македонскиот збор тече од сцената жедно впиван од публиката, 77 години актерска игра… Театарот почнува да работи во 1945 г. со премиера на претставата „Платон Кречет“.
– Подигнатата завеса го отвори МНТ, кој започна без вистински традиции за сопствен театар и без доволен професионален актерски, технички и режисерски кадар, но со огромна желба и страст. И со публиката што е „гладна“ за тој сценски збор и која како што е запишано „… го полнеше театарот до последно место. Колку што долги беа редовите пред продавниците за хлеб толку беа долги и пред шалтерот на театарската билетопродавачница“. Со целата своја енергија и творечка сила оваа прва група актери, режисерот, сценографот и преведувачот го започнаа патот на уметничко-сценското создавање на оваа сложена уметност – театар – велат од МНТ.
Движејќи се од класичната драма до најсовремените драмски достигнувања, низ делата на домашните и на странските автори, Македонскиот народен театар бил, е и ќе биде гласник на културата, водилка кон изведување ремек-дела, интимна и длабока врска меѓу актерите и публиката, предизвик за режисерите, совршен подиум за претстави на големата и на малата сцена.
– Со сценска вистинитост и природна појава, од првата реплика до денес, се прикажуваат сликата и идејата за уметничко дело, тенденцијата за колективна игра и духот на создавање целосен театар. И денес во 2022 година кога се одбележуваат 77 години, истите стремежи се дел на сите од МНТ: креативност, потреба, желба, магија, величественост, идентитет, распослана душа, отворено срце, неуморност, сценско патување – велат од театарот.