Македонска премиера на долгометражниот игран филм „Мими“, во режија на Даријан Пејовски, ќе го отвори годинешното издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“, на 7 јули. Филмот е селектиран во СЕЕ-програмата на фестивалот и ќе се натпреварува за една од наградите за кои ќе одлучува жирито, составено од словенечкиот режисер Дамјан Козоле, Диего Апарисио, основач и уметнички директор на кипарскиот фестивал „Квир вејв“, и Ѓулин Устун, продуцентка и раководителка на „Митингс он д бриџ“.
Мими ги напушта своите родители и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара, млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко си и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството… Ова е приказната на филмот во кој улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.
Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И. Атанасовска е костимографка, Ива Куробаса – шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Филмот е копродукција на „Скопје филм студио“ и „Максима филм“ од Хрватска и „Гиглинг гоут продакшн“ од Црна Гора, а е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) и Филмскиот центар на Црна Гора.
По „Синедејс“, „Мими“ ќе биде прикажан на 69. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, еден од централните филмски настани на овие простори, кој низ децениите изгради интернационално реноме. Филмот учествува во натпреварувачката меѓународна програма на фестивалот, која ќе прикаже вкупно 11 наслови од Полска, Израел, Латвија, Романија, Франција, Турција, Шпанија, Австрија, Србија, Хрватска, Северна Македонија, Украина, Чешка, од кои некои се наградени и на најпрестижните фестивали низ светот. Членови на жирито што ќе одлучува за наградите се: Кристијан Рут, аналитичар на сценарија и филмски консултант, Јуре Павловиќ, хрватски режисер, и данската актерка Даница Чурчиќ. Пулскиот фестивал ќе се одржи од 16 до 24 јули.