Македонска поезија во грчкото списание „Тефлон“

Младите поети го добија гласот што апсолутно го заслужуваат. Најмладите македонски поети и поетеси ја сфаќаат и ја живеат поезијата демократски, во најдобрата смисла на зборот, вели поетесата и писателка Лидија Димковска

Во престижното грчко списание „Тефлон“ во Атина излегоа на македонски и на грчки јазик неколку песни од петмина македонски поети од најмладата македонска генерација родени во 1990-тите години.
– Уредникот на „Тефлон“, Џазра Калед, ме покани да направам антологиски избор од најновата македонска поезија и да напишам и специјален воведен текст. Овој избор е важен за македонската поезија, особено затоа што ја претставува најмладата македонска генерација. За поетесата Ивана Јовановска ова е, на пример, првиот препев воопшто на нејзините песни на некој јазик. Мислам дека поетите и поетесите заслужуваат да им се посвети повеќе внимание – ни сподели поетесата и писателка Лидија Димковска.

Во нејзиниот текст посветен на македонската поезија таа се осврнува на поезијата на Рацин, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Анте Поповски итн.
– Македонската поезија пишувана на современ македонски јазик, заради историскиот контекст беше принудена современите поетски правци да ги изживее во само неколку децении и да помине за кусо историско време од традиционална во модернистичката, па во постмодернистичка, па во неореалистичка, а денес и во индивидуалистичка фаза, која особено се однесува на последните поетски генерации на поетите родени во 70-тите, 80-тите, 90-тите и на најмладите, родени од 2000 година, па наваму. Последните поетски генерации се прелеваат една во друга, помеѓу нив нема резови како помеѓу претходните генерации, па и не можеме да зборуваме за колективна поетика со заеднички црти и обележја – пишува Лидија.

Значаен е и сѐ поголемиот број поетеси што се наметнуваат на поетската сцена со својата моќна и автентична поезија, која, според мене, е неретко и посилна од поезијата на нивните машки врсници, дополнува таа.
– Во изборот што „Тефлон“ благородно им го нуди на грчките читатели и читателки се застапени тројца поети и две поетеси од Северна Македонија родени во 90-тите години на 20 век: Андреј ал-Асади, Ива Дамјановски, Диме Данов, Ивана Јовановска и Исток Улчар. Сите се родени по распаѓањето на Југославија, во доцните 90-ти години, кога Северна Македонија се наоѓа во најтешката фаза на транзицијата, но и во фаза на најголем оптимизам: дека транзицијата ќе заврши брзо и безболно. За жал, како и во многу други земји на Балканот, транзицијата сѐ уште трае, а литературата што се создава на тие простори не може да го пренебрегне прашањето на геополитичките, социјалните и егзистенцијалните превирања. Најмладата македонска поетска генерација ја сочинуваат луѓе што се родија по војните во поранешна Југославија, по осамостојувањето на Северна Македонија кога таа важеше за оаза на мирот, но, за жал, тие во својот живот веќе видоа и гледаат други војни и кризи, ако ништо друго барем на екраните на технолошките направи во чија ера и самите се родени – пишува Димковска.

Како што пишува таа, Андреј ал-Асади (1996) во својата песна „Ние поетите“ ја испишува колективната арс поетика не само на неговата генерација туку и на поетите воопшто. Помеѓу надежта што се раѓа секое утро за да се претвори во безнадежност до попладне, тој сепак извикува „ќе победиме“. Во неговата поезија е присутна ориенталистичка перспектива на природата и културата, но и свест за недобредојденоста на бегалците од Истокот во Европа.

Исток Улчар (1996) пишува непретенциозно, а неговата поезија е душевна, умствена и физичка експлозија на свеста за егзистенцијата, на бунтот против реалноста и на сликата на општеството. Критички, пародични, иронични, луцидни, анегдотични, неговите стихови стануваат крик, пцост, тупаница во грдото лице на реалноста, во нив смеата и плачот се слеваат во трагикомична претстава на животот на урбаниот поединец кому му се обраќа со зборовите „Да живее граѓанската непослушност“.
Првата и засега единствена поетска збирка на Диме Данов (1996) „Меч од мечти“ (2021) го претставува поетот како претставник на изгубената генерација, која е притисната помеѓу очајот и надежта, помеѓу копнежот и неразбирањето, помеѓу песимизмот во реалниот и оптимизмот во имагинарниот свет, помеѓу дефиницијата и магијата.

Бунтовната поезија на Ива Дамјановски (1996) поставува егзистенцијални прашања за горештите проблеми на човекот и на човештвото: војните, револуциите, хиерархиите, сиромаштиите, гладните, пропагандите, неправилностите на системот…

Ивана Јовановска (1998) е само две години помлада од другите поети во изборот и во 2021 год. дебитира со поетската збирка „На ракавот на градот“. Во истоимената песна како рефрен се појавува стихот „Погледни во себе“, и тоа е всушност арспоетичка рефлексија на нејзината поезија, но се однесува и на општеството како такво. Се занимава со социјалните, геополитичките, миграциските теми, најчесто во колективната ние-форма, која ѝ овозможува да го преиспита односот помеѓу општеството и единката.
– Сите петмина автори застапени во овој избор имаат лични писма, лични поетики со интимна перспектива на поетскиот израз врз кој, свесно или несвесно, влијаат и литературата и животот. Книжевното и животното (не)искуство на поетите да создаваат во сферата на поетскиот јазик автентични пеења и мислења. Поетите обично се служат со секојдневниот говор, кој не отскокнува во голема мера од литературниот македонски јазик, и совршено ги отсликува секојдневието, урбаната атмосфера, социолошките прашања, емотивните состојби и сѐ што им е блиско на поетите родени во 90-тите – посочува Лидија во текстот за „Тефлон“.

Младите поети го добија гласот што апсолутно го заслужуваат. Најмладите македонски поети и поетеси ја сфаќаат и ја живеат поезијата демократски, во најдобрата смисла на зборот, завршува таа.