Лилјакот Џонатан Ливингстон (2) За збирките раскази „Речно улиште“ (1981) и „Ѓон“ (1990) на Драги Михајловски

Во веќе спомнатиот „Лилјак“ може да се насети дослухот со некои книжевни дела од типот „Галебот Џонатан Ливингстон“, во коишто летањето, особено ослободеното летање, како триумф над принудениот колективизам и заплашеност („страв од летање“), се преплетува со вампирски мотиви од фолклорот. Звуковната асоцијација на зборот „вампир“ со терминот „лилјак“ = нетопир (руски), netopyr (чешки), nietoperz (полски), како и претпоставката вампирот да се поврзе со руското парит, перо = да се лебди (лета), перце, може да наведе на помислата на Дагмар Буркхарт дека „вампирот првобитно е замислуван како ноќно сениште, обраснато со пердуви, или како некој вид лилјак, кој цица крв, воопшто, како некое суштество со крилја“. Постои мислење (K. Moszynki: Kultura Ludowa Slowian, II) дека токму Македонија и Западна Бугарија се места од каде што потекнува терминот вумпир, вампир, на што соодветствуваат украинскиот upir и полскиот wapierz, како и дека ова именување од Македонија им е пренесено на Србите и на Хрватите.
Ако се прифати алегоричноста во расказот на Михајловски, тогаш лилјаците-вампири може да се согледаат и во една поинаква, позитивна конотација. Наспроти светлото – авторитативно, јавно искуство, постои и ноќно – подземно, невидливо, приватно. Преобразбата на Захарија и Михајло во бели лилјаци, жители на Долната земја, е зануркување во темната, подземна, тајна историја што дејствува колку непредвидливо, толку и живо во секого од нас. Михајловски е неподелено приврзан кон приватноста, што кај неговите аутсајдерски личности добива нагласена донкихотска црта. Но без оглед на гротескноста, неофицијализираните, „отсутни“ луѓе-лилјаци лесно се снаоѓаат во пределите на сонот, на фантазијата и, воопшто, на анимата. Оличувајќи го лунарното „јас“, овие ликови го носат во себе маргиналното бунтовништво, што за разлика од она во „ставрносната“ проза, многу повеќе се иситува во имагинарните предели на живеењето. Иако и Михајловски умешно го користи најочигледното „оружје“ на маргиналецот – неговиот говор, тоа е помалку поради имитирање на видливиот живот, а повеќе поради разигрување, поради будење на лексичките можности за поефикасно соочување на двете нивоа во наративното обликување – баналното и „откаченото“.

Во зголемувањето на смисловната носивост на текстот, Михајловски се навраќа на цепенковската лексичка ризница како опсесивен истражувач (што благонаклоно се дополнува со неговата преведувачка дејност). Но наместо колективните животописи, што во т.н. стварносна проза се потпираат врз лексичките специфики како залог на заемната судбина (на семејството, на селото, на родниот крај), во расказите на Михајловски предметот е индивидуалната судбина, односно онаа на отфрлениот поединец, кој е во расчекор со другите, со времето и со себе. Неговиот говор, и кога е карикатурален, е негово прибежиште, негова заштитна „лична карта“.
Сепак, токму поради таа силна приврзаност кон цепенковскиот речник, како и поради честата употреба на карикирањето, па и на гротеската, Михајловски ќе биде оправдувачки прифатен од оние критичари што ја протежираа традиционалната поетика. Во нивното толкување тој се вклопуваше во цепенковско-чинговската раскажувачка низа, што во македонската литературна критика имаше и има импресивна поддршка. Оттаму, авторот на „Речно улиште“, иако веќе со првата книга убедливо се наметна како еден од главните претставници на новиот расказ, често беше согледуван во спротивниот раскажувачки концепт, чие кризно место, самоубедената илузија дека може да се преслика „вистинскиот“ живот и „вистинскиот“ говор, Михајловски всушност успешно го иронизира. Во таа смисла, факт е дека „Речно улиште“ е важна книга што го означува исчекорот на македонскиот расказ кон новата поетика.
Долго – девет години – се чекаше втората книга на Драги Михајловски, „Ѓон“ (1990), чекање сепак очекувано со оглед на познатата авторова трпелива обработка на книжевниот материјал, како и на неговиот страстен преведувачки ангажман (до 1992 година тој собра дел од преводите во книгата „Нераспнати богови: десет англиски писатели од Дан до Расел“, чии преводи се проследени со коментари).

(продолжува)