Под насловот „Воспитувањето по предметот ‘Човечност’ станува неопходно“, угледниот белградски весник „Данас“ во неделниот прилог на две страници објави интервју со нашиот писател Томислав Османли. Истакнатата српска новинарка, уредничка и книжевна критичарка Анѓелка Цвијиќ го реализира овој разговор со нашиот автор фокусирајќи се на низа теми и аспекти за загрозувањето на хуманите вредности во историјата, како и во современиот свет. Повод за интервјуто е неговата книга „Светилка за Ханука“, која, неодамна, во превод на Зоран Ж. Пауновиќ, се појави во издание на реномираната куќа „Прометеј“ од Нови Сад.
Претставувајќи ја збирката раскази „Светилка за Ханука“ низ почетното објаснување на нашиот писател, авторката на интервјуто ги наведува и мотивите за нејзиното новинарско интересирање: „Книгата ’Светилка за Ханука‘ – пишува таа – спаѓа во редот на оние што не се забораваат. Со богат јазик, префинет стил и во неа се раскажани притеснетите судбини на Евреите од балканските простори… Османли во расказите ја внел сета трагика на невините што страдаат во дијаболичните походи на оние, бесрамно убедените во своето месијанство. А кои, сведоци сме, и денес се неуморни во злосторите против човечноста…“ Белградската авторка бележи дека Османли со „Светилката за Ханука“ започнал универзална тема на која тој ѝ го посветува и своето најново дело, неговиот нов, штотуку завршен роман насловен „Столб што пее“, кој наскоро треба да биде објавен во Македонија и што низ сложен наратив зборува за драстичната несогласност што постои меѓу миротворната свест на уметниците, филозофите од хуманиот дел на светот и – „сосема спротивната, насилна, ратоборна, масовно убиствена реалност“ како на минатите времиња, така и на ова отуѓено совремие…