Свечено доделување на наградата „Пегаз“ за 2021 година и промоција на победничкиот роман „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков ќе се одржат вечерва, во 19 часот, во Младинскиот културен центар. На доделувањето на наградата ќе се обрати жирито во состав: Владимир Мартиновски, Фросина Пармаковска и Бисера Бендевска. Промоторка на романот ќе биде уредничката на изданието Оливера Ќорвезироска.
„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век), судбините на Мустафа и на Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.
На конкурсот пристигнаа 44 ракописи, а покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за 2021 година влегоа „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска. Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција.
Ова е трето издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината што ја организира издавачката куќа „Арс ламина“, во соработка со фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Романот „Хотел меѓу две војни“, во издание на „Арс ламина“, наскоро ќе биде достапен во книжарниците.