Откупен расказ на Конкурсот на „Нова Македонија“

Господ седеше сам. И како за некој што седи сам подолго време, веднаш одговори на телефонскиот повик. Да, не е проблем, тоа со името веднаш се решава. Уште колкумина ни требаат? Десет? Секако дека ќе се согласат и тогаш конечно ќе можеме да го направиме тоа што отсекогаш го планиравме. Името за брзо ќе биде сменето. Збунето гледав кон синилото на неговите очи, надевајќи се дека во нив ќе видам ако не ништо друго, барем одраз на човештвото. Дури не се ни обидуваше да го прикрие својот разговор, како да му беше потполно неважно дали и кој го слуша. Не помина многу време откако го заврши разговорот. На неговата маса седнаа поранешен градоначалник, сопственик на спортски клуб, сопственик на ресторан, специјалец чиј статус не се знаеше дали е активен или пасивен и една млада девојка со усни и гради преголеми за да бидат нејзини и цело време нешто превртуваше со очите. Време беше да нарачаат. Некаде меѓу цедените сокови, витаминските бомби и прашањата од типот зошто немате цитрон, Господ нарача вода. Ја оставив чешмата да истече, а потоа ја наполнив чашата. Како што ги оставав нарачките една по една, Господ погледна во чашата со вода и рече: На „таков“ ти личам? За што ме сметаш ти? Шише, девојко! Шише! Околу мене штурци. Никој не пушти глас, но во очите им се познаваше дека одвај чекаат да се изнасмеат. Не знам зошто се почувствував толку многу понижено, знам само дека се вратив до шанкот и ја замолив колешката да ги послужи. За неа тоа беше извежбана рутина, самата влезе во шанкот, барајќи специфична марка вода и висока чаша како за црвено вино. А веднаш потоа пушти сосема малку топла вода за чај. Речиси ќе почнев да се сомневам во себеси дека не сум ја дослушнала нарачката или дека премногу брзо сум ја заборавила зашто не можев да се сетам дали некој ми спомна нешто за чај. И како што го местеше послужавникот прошепоти: Тој секогаш го пие истото. Не мораш да чекаш да ти нарача. Не можев, а да не забележам дека во шолјата за чај има две кесички, едното од нане, а другото од камилица. Колегите воопшто не се воздржуваа, туку со најшироки насмевки одеа до таа маса, прашувајќи дали е сè во ред, дали ќе треба уште нешто, а потоа се враќаа со намуртени лица и стегнати веѓи, пцуејќи на сите страни како сиот речник на зборови да им е малку. Имаше нешто што ме исплаши со таа чаша вода.

Дали беше тоа неговиот индиферентен тон или прашањето што ми го фрли како удар под појасот, што и да беше ме убеди дека нема шанси да се појавам крај таа маса. Додека зјапав во шолјата за чај, бидејќи никој досега такво нешто не нарачал, девојката со благо превртување на очите го праша Господа што се случило, а тој како да знаеше точно за кој настан станува збор, иако прашањето беше воопштено. Што може да се случи? Рече дека се согласува ако треба детето да биде вонбрачно, само да биде мое. И во истиот миг се претвори дебел и зелен во вратот како жаба преправач. И не ми требаше многу за да ме турне во минатото.
Речиси немав воздух за дишење. Бев премалена и препотена кога се најдов на прагот што водеше кон мојот некогашен дом. Сестра ми ја отвори вратата. Пред само неколку дена планиравме свадба, требаше да избираме фустани, требаше да ѝ ја организирам моминската вечер. И наеднаш сето тоа го снема. Сестра ми беше избезумена од страв, од гнев, од срам. Беше лута и понижена и цело време шеташе напред-назад по собата. Одвај ја натерав да седне и да ми раскаже што се случило. Немаше глас во неа веќе, сè што некогаш имала, го исфрлила надвор себе. Стисна едно копче на телефонот и потоа ја снема. Во својата внатрешност повторно го доживуваше истото. И тогаш му го слушнав гласот: Што ако ти кажам дека јас не сум тој што го сакаш? Што ако ти кажам дека јас не сум тој со кого што мислеше дека зборуваш секој ден? Многу ми се допадна уште првиот пат кога те видов. Знај дека да сакав, можев да средам уште истиот миг да те донесат пред мене, ама не сакав да те преплашам. Ова можеби беше најлесниот начин да влезам во твојот живот, да слушам како си поминуваш на работа, како си поминала на кафе со другарките, што има ново кај нив. И да не ми кажуваше, ќе знаев, вака само направи да ми биде полесно. Малку ми е криво што се преправав дека сум некој друг, можеби во некој подобар свет ќе засакаше некој како мене што нуди услуга за услуга. Немој да ме бараш повеќе, добро? Те оставам само поради чистината на твоето срце, Марија. Само затоа што си премногу добра и затоа што премногу веруваш, ќе те оставам. Не обидувај се да ме најдеш.

Ги имам твоите снимки од работа и верувај дека многу лесно може да се дознае каде исчезнуваат кутичињата лексилиум од десет милиграми. Свето е твоето име. Гледај да остане така. Тииииит! Снимката заврши. Немаше зборови со коишто можев да ѝ објаснам дека е подобро да биде настрана од него, дека таков човек во животот не ѝ треба, дека којзнае со какви мафијаши се има заплеткано, дека нашиот татко нема ќерка за фрлање. Едноставно не. Упорно зјапав кон нивната маса, истовремено и со страв и со надеж дека ќе ме препознае. Дека доволно си личиме со сестра ми само за да го потсетам на неа, само за да погледне во моите очи и да стане свесен дека има и некој друг што знае за тоа. Некој што до ден-денес ја чува снимката. Се надевав дека ќе ме погледне, дека можеби ќе има момент на каење, дека ќе му падне едно незгодно ако пред неговата дружина ми се испушти некој збор. Но, не. Господ беше премногу зафатен со избирањето мајка на Божјиот Син. Зборуваше за сите тие девојки како да се излезени од јаболко, како да немаат ни име ни презиме ни родителски дом. Како да се дојдени на овој свет со една и единствена мисија – да бидат жив инкубатор строго за неговите потреби. Се двоумев дали требаше да се оди до тој степен да се повика полиција. Немој да се трудиш, се јави гласот на една другарка. Се сеќаваш што ми се случуваше мене? Форензичарите ја следеа трагата до неговиот компјутер, платен со неговата картичка, што и ден-денес си го има дома. Се оддадов од пари по адвокати, се отепав од одење секој ден во станица да видам до каде е случајот, наместо на факултет, одев на судење. И што дека? Што дека моите родители се познаваат со толку началници и толку инспектори? Овде ништо не ти се важи. Само во случај на физички напад, само тогаш го гони законот. Замисли, за сè што ми направи, помина неказнето. Можеби полесно ќе беше да ме убиеше отколку да нѐ влечеше и мене и семејното име низ кал и канализација. Господ ја крена раката за сметка. За момент застанав двоумејќи се како треба да му се наплати.

Можеби ќе извади некоја платинум-картичка премногу јака за нашите обични терминали. Колешката не престануваше да ми повторува дека бакшишот е нејзин, дека таа ја служела масата, дека тоа е нејзино право. Ама нели е така? Нели? Кимнав со главата, не можејќи да ја слушам повеќе. Дружината си замина така како што си дојде и Господ повторно остана сам. Го извади телефонот и рече: Само уште пет. Веднаш ја затвори линијата. Одлута некаде со погледот како да не се брзаше да си замине. Се обидов да прочитам нешто од изразот на неговото лице, да видам дали усните му треперат, дали очите му играат на дневната светлина. Тоа лице зборуваше на непознат јазик и не верувам дека некој би можел да направи јасна врвица низ неговите мисли. Додека колешката го пребројуваше ситното од бакшишот, Господ се заврти кон мене и рече: Не е важно како ја вадиш сметката за мене. Пеколот е за секого, ама Господ не е за никого.

Гордана Балеска