Во македонската литература во првата половина на 20 век, кога се разгоруваат модернистичките струи, ние имаме поезија во слободен стих кај нашиот Кочо Рацин, во песните што ги пишува на српскохрватски, кои се од неговата експресионистичка фаза, вели Спасовска

Сузана В. Спасовска, поетеса

„Слободата на стихот“ е студија за македонскиот слободен стих од авторката Сузана В. Спасовска. Книгата на 270 страници го проблематизира прашањето на слободниот стих во теориската литература и преку структуралистичко-семиотички пристап се прави обид да се дефинира слободниот стих, да се категоризираат неговите карактеристики и да се типологизираат видовите слободен стих. Книжевните анализи во книгата се направени врз примери од поезијата на осум современи македонски поети: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Урошевиќ, Ѓузел, Павловски и Ренџов. Книгата „Слободата на стихот“ претставува една од ретките научни публикации посветени на прашањето на слободниот стих.
Сузана В. Спасовска (р. 1972 година, Ротердам, Холандија) дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во моментов работи на својата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата. Досега објавила шест стихозбирки: „И љубов и заговор“ (1996), „Смртно писмо“ (2004), „Божествена жена“ (2006), „Низ темјанот, еден лилјан“ (2014), „Пеперутка од пепел“ (2018) и „Јазикот на светлината“ (2020).

Што ве поттикна подлабоко да ја проанализирате поезијата како жанр?
– Поточно, тоа беше мојата магистерска теза одбранета на Филолошкиот факултет во 2002 година, пред комисијата во состав: Георги Сталев, Ката Ќулафкова и Влада Урошевиќ, како ментор. Ја работев интензивно три-четири години, пребарувајќи материјали во речиси сите библиотеки, главно водејќи се од структуралистичко-семиотичкиот метод. Жалам што во тоа време немав неограничен пристап до интернет, така што многу американски проучувања што сега се особено популарни во науката за стихот останаа незасегнати во овој труд. Но во предговорот кон книгата дадов едно ветување дека ќе се обидам во некоја следна студија да ги претставам најновите истражувања на слободниот стих. Уште од студентските денови, кога ги објавив и своите први песни во едно од нашите периодични книжевни списанија, мојот интерес беше насочен првенствено кон поетските текстови, но тогаш не ѝ се придаваше големо значење на формата на стихот, бидејќи студиите по книжевност повеќе беа замислени како историски преглед на книжевните феномени и појави. Кога имате преглед на светската литература или вовед во некои од националните литератури (како српската, хрватската, словенечката) многу малку останува простор за прашањето за слободниот стих, како стих на модернистичката поетика, но, еве, гледаме и како стих на новата постмодернистичка ера. Првенствено, мислам дека токму поради тоа што и самата пишувам поезија – слободниот стих ми беше една голема загатка – и од позиција на поет, а секако и од позиција на читател.

Каква слобода му е потребна на стихот?
– Мислам дека со текот на годините слободниот стих си го оправда своето име. Иако во почетокот на неговата појава многу критичари го напаѓаа затоа што мислеа дека е тоа контрадикторен термин, тој сепак, еве, веќе еден век од неговата официјална појава во 1920-тите години во одделни национални литератури опстојува и доживува свои трансформации. Тоа се гледа дури и од неговата појава на социјалните мрежи. Луѓето сакаат да читаат поезија, ја споделуваат, а кога се во прашање актуелни теми, поезијата во слободен стих сепак остава отворена врата за да се искаже личен став во однос на нив, но на поетски начин. Иако границата понекогаш е многу мала, секогаш постои ризик некоја песна во слободен стих да премине во прозаичност. Затоа мислам дека од преголемата слобода што му се случи на слободниот стих кога ги отфрли строгите метрички шеми, тој сепак прибегнува кон некои, да ги наречам, регулатори на поетскиот текст што го одржуваат во рамките на уметнички дискурс. Минимум фигуративност на еден уметнички текст треба да е неприкосновена состојка. Во секој случај, слободниот стих го следи ритамот на времето и сведочи за него.

Какви истражувања спроведовте додека да ја спакувате финалната верзија на студијата?
– Тоа беше макотрпна работа затоа што тезата беше поставена како отсуство на поетички постапки. За да видите што отсуствува, треба да знаете што е тоа. Таа операција беше наречена минус-постапка, според терминологијата на рускиот семиотичар Јуриј Лотман. Затоа морав одново да ги дефинирам еуфонијата, римата, паралелизмот, строфата, анжамбманот, ритамот и интонацијата. Сите овие категории се сретнуваат не само кај традиционалниот туку и кај слободниот стих и затоа за нив може да се каже дека се изразито поетски средства, кои слободниот стих ги употребува поинаку, не систематично како што беше тоа случајот со класичниот стих, туку повеќе стихијно и во таа неочекуваност, непредвидливост на употреба на тие средства мислам дека лежи големата привлечност на слободниот стих. Знаете, го прекршувате хоризонтот на очекување на читателот, така што читателот е вовлечен во играта на изненадувањето. Јас би сакала да верувам дека се пишува таков слободен стих и дека тој има свои читатели.

Направивте сумирање на досегашната стихологија на балканскиве автори, што имаат заедничко овие стихови?
– Ех, јас би сакала да беше тоа една обемна анализа на балканските автори, што значи дека ќе требаше да бидат вклучени и бугарски, и грчки, и албански, и словенечки, и босански, и црногорски поети. Но тоа е академски проект. Професорот Андоновски, кога го кажа тоа, мислеше на науката за стихот на овие простори. Навистина, слободниот стих беше тема на интерес и на српските, и на хрватските, и на бугарските проучувачи, иако мислам дека најголемо внимание му посветија руските структуралисти и семиотичари. Да речеме, двајца корифеи на слободниот стих на балканските простори се писателите Милош Црњански и Антун Бранко Шимиќ, кои застануваат во одбрана на слободниот стих кога тој се појавува. Ако, пак, се земе дека слободниот стих се смета за наследство на францускиот симболизам, тогаш тука неодминливо треба да се споменат и Јулија Кристева и нејзината важна книга „Револуционерноста на поетскиот јазик“. Сепак, како што кажа и професорот Јуриќ, еден од рецензентите на книгата и професор по литература на Филозофскиот факултет во Загреб, типологизацијата на слободниот стих се прави во зависност од авторските поетики застапени во секоја национална литература. Би можело да се каже дека секоја национална литература си има свој слободен стих.

Во „Слободата на стихот“ нудите и ваша типологија на слободниот стих…
– Колку што има национални литератури, толку ќе има и типови слободен стих. Секако, има тука и вкрстувања и генерални форми што се сретнуваат во различните литератури, да речеме долг слободен стих или стварносен слободен стих. Кај мене таа поделба е направена на метафоричен и метонимичен слободен стих. Потоа во рамките на тие два генерални дискурси, применувајќи го принципот на референцијалност, направив поделба на четири поетски писма – интимистичко, фигуративно, реалистичко и интертекстуално. Се разбира, за тоа ми послужија песните од нашите знаменити писатели: Конески, Шопов, Тодоровски, Матевски, Павловски, Урошевиќ, Ѓузел и Ренџов и врз основа на нивните стихови дојдов до оваа типологизација.

Гилберт К. Честертон вели: „Слободниот стих е како слободната љубов, тоа е контрадикторност во термините“, какви размисли ви поттикнува оваа мисла?
– Уф, долго време слободниот стих беше како несакано дете. Не е само Честертон тој што се обидувал да го оправда или да го негира постоењето на слободниот стих. Познато е и тврдењето на Томас Стернс Елиот, кој исто така сметал дека не постои слободен стих, иако самиот бил претставник на поезијата во слободен стих. Многу национални литератури се колебале во однос на прифаќањето на слободниот стих како, да речам, еднакво „легална книжевна форма“. Но дури во 20 век, особено со појавата на модернистичките правци – како имажизам, надреализам, футуризам, експресионизам… слободниот стих се етаблира во националните литератури. Особено влијание тука извршува американската поетска школа преку Езра Паунд, Елиот, Хилда Дулитл, кои отворено се залагале за слободниот стих како наследство од француската симболистичка школа. Да не заборавиме дека за татко на слободниот стих се смета американскиот поет Волт Витман и неговата неприкосновена книга „Страци трева“ објавена уште во 1855 година. А треба да кажам дека и во македонската литература во првата половина на 20 век, кога се разгоруваат овие модернистички струи, ние имаме поезија во слободен стих кај нашиот Кочо Рацин, во песните што ги пишува на српскохрватски, кои се од неговата експресионистичка фаза.

Во моментов работите на вашата докторска теза од областа на орфизмот и поезијата…
– Јас сум многу среќна што по препрочитувањето на мојата теза за слободниот стих и за неговите приврзаници како Маларме, Паунд, Елиот, па дури и Рилке, можам да се надоврзам со проучувањето на орфичките принципи во нивното творештво. За тој аспект доста имаат пишувано и светските книжевни проучувачи, што значи дека зад таа ослободена форма се крие и една продлабочена филозофска доктрина. Имено, орфизмот, кој потекнува од времето на антиката, е поврзан со митскиот пејач Орфеј и претставува едно, не знам колку би можело да се нарече религиозно, повеќе филозофско учење за бесмртноста на душата, што практично е вовед во култните орфички мистерии. Сета таа преокупираност на светската поезија со антички митски теми и мотиви се должи и на овој орфички култ, но за тоа подробно ќе разговараме откако ќе биде елаборирано во дисертацијата. Со небесна помош, се надевам дека тоа ќе се случи во скоро време.