Колку се пошироки патиштата што ги поврзуваат руралните подрачја со урбаните, селата со градовите, поголем е ризикот дека јазиците ќе бидат загрозени и ќе им се заканува опасност од исчезнување, покажа неодамнешна студија на австралиски стручњаци. Со оглед на оваа опасност што демне, УНЕСКО ги прогласи следните десет години за деценија на автохтоните јазици, чија цел е заштита на лингвистичката различност и зајакнување на првата на луѓето од јазичните малцински заедници во светот.
Во светот денес постојат околу 7.000 признаени јазици, но, според студијата, половината се во опасност, а 1.500 до крајот на векот би можеле целосно да исчезнат.
– Без интервенција, бројката на јазици во опасност би можела за 40 години да стане тројно поголема, односно би исчезнувал по еден јазик месечно – објавија авторите на студијата.
Се советува донесување наставни планови и програми што го поддржуваат двојазичното образование и поттикнуваат совладување на автохтониот јазик, но и негово користење во секојдневието. Студијата, која ја изработи Австралискиот национален универзитет, е објавена во онлајн списанието „Природа, екологија и еволуција“. Истражувачите откриле и некои неочекувани причини што му се закануваат на опстанокот на некои јазици, а меѓу нив е добро развиената сообраќајна инфраструктура.
– Кога јазикот ќе се изгуби или кога „спие“, како што знаеме да кажеме за јазиците што не се зборуваат, губиме дел од културната различност на луѓето, бидејќи секој јазик посебно е брилијантен на свој начин – вели коавторот Линдел Бромам.
Според експертите, голем број од јазиците за кои се претпоставува дека ќе исчезнат до крајот на векот сѐ уште е во употреба.
– Сѐ уште има шанси да се поддржат заедниците за да ги ревитализираат автохтоните јазици и за да ги зачуваат за идните генерации – потенцира Бромам.