Кинотеката на Македонија деновиве ја одбележува 70-годишнината од премиерата на првиот македонски игран филм „Фросина“, снимен во 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“. Филмот минатата година беше дигитално реставриран во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, а деновиве е објавен на блуреј-диск.
Кинотеката го објави и дигитализираното издание (ПДФ-формат) на зборникот текстови од симпозиумот на тема „Фросина – првиот македонски игран филм“, одржан во мај 1989 година, на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, заедно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија на сајтот на Кинотеката. Во зборникот се објавени анализите на Борис Ноневски, Кети Каранфилова, Елизабета Шелева, Ермис Лафазановски, Георги Василевски, Фидан Јаќовски, Владо Цветановски, Мирослав Чепинчиќ, Димитар Грбевски, Бојан Иванов, Вангел Божиновски, Лилјана Богојевиќ-Јовановска, Димитрија Бужаровски. Во дискусиите учествувале десетина учесници, филмолози и филмски работници, печатени се и интервјуата и сеќавањата на Воислав Нановиќ, Владо Малески и Киро Билбиловски, а во книгата се и одгласите за филмот во медиумите од 1952 година.