По повод Денот на канадскиот филм, Амбасадата на Канада и Кинотеката на Македонија организираат премиерна проекција на канадскиот филм „Трчај жено, трчај“ од Зои Ли Хопкинс, со Дакота Реј Хеберт, Асивак Костачин, Џејли Вулф, Лорне Кардинал, Бредон Кларк, Гери Фарм. Настанот ќе се одржи во Кинотеката, вечерва, во 20 часот.
– По две години онлајн презентации, деветтото издание на Денот на канадскиот филм организирано од „Рил Канада“ ќе опфати физички проекции на 600 локации во Канада и во повеќе од 35 земји низ светот, вклучувајќи ја и Македонија. Генералната гувернерка на Канада, Мари Симон, е почесна покровителка на годинашното издание на Денот на канадскиот филм. Нејзиното официјално видеообраќање ќе биде прикажувано пред секоја проекција оваа година. Фокусот за 2022 година е „Славење на домородните гласови“, презентиран во соработка со „Имагинативе филм“ и „Медиа артс фестивал“ и се фокусира на филмови од режисери од индијанско потекло/корени, од разни нации во Канада – велат од Кинотеката.
„Трчај жено, трчај“ е магична антиромантична комедија за Бек, ожалостена самохрана мајка што ја изгубила страста за животот и нејзиниот мохаве-јазик по смртта на нејзината мајка. Бек завршува во болница каде што се буди од шеќерна кома и го сретнува духот на легендарниот „Маратонец на шест нации“. Наместо да смогне сили и да преземе контрола над сопствениот живот, Бек бега од проблемите и се отуѓува од семејството…