Светот е сцена

„Човекот на болката“, уникатна и емотивна слика на италијанскиот сликар Сандро Ботичели, која го прикажува воскресението на Исус од почетокот на 16 век, е продадена на аукција во Њујорк за 45,4 милиони долари. Иако цената ја надминува процената на познатата аукциска куќа „Сотби“ (40 милиони долари), таа е за половина помала од рекордната цена постигната минатата година со сликата на италијанскиот ренесансен мајстор „Портрет на млад човек со рондела“ (92,2 милиони долари). Според процените на експертите, сликата датира од почетокот на 16 век од доцната фаза на делото на Сандро Ботичели (1445-1510), чии фрески ја красат Систинската капела во Ватикан. Се верува дека Ботичели станал многу религиозен во неговите подоцнежни години, кога станал обожавател на Џироламо Савонарола, и во тој период создавал слики што малку личеле на неговите познати дела како што се „Раѓањето на Венера“ и „Пролет“ во галеријата „Уфици“.
Оваа контроверзна слика, како што објаснува Николас Хол од аукциската куќа, предизвикува силни емоции кај луѓето, иако има многумина на кои не им се допаѓа и го оспоруваат „периодот на Савонарола“ на Ботичели, бидејќи го сметаат за „премногу побожен и пуритански“. Последен пат оваа слика била на аукција во 1963 година, таа достигнала скромна сума од 26.000 долари, бидејќи им била припишана на учениците на Ботичели. Роналд Лајт Браун, тогаш најреномираниот експерт за неговата работа, им го припишува делото „Човекот на болката“ на неговите студенти. Но во 2009 година оваа долго игнорирана слика од приватна колекција е вклучена во опусот на италијанскиот мајстор со изложба во музејот „Штедел“ во Франкфурт.
Меѓутоа, споредувајќи ја со „Салватор Мунди“ на Леонардо, која беше продадена на аукција за 450 милиони долари, оваа слика на Сандро Ботичели е продадена за многу ниска сума.

Роден во Фиренца, во работничката област Онџисанти, во 1445 година, Ботичели првично го научил златарскиот занает, а неговиот татко, по негово барање, го поврзал со Филип Липи, во чие училиште поминал три години. Од 1465 до 1470 година, Ботичели насликал неколку слики на Богородица. Овие дела го отсликуваат влијанието на неговиот учител Липи, но и на тогаш најважните сликари од Фиренца, Антонио Полајуола и Андреа дел Вероки. Есента 1481 година, тој бил поканет од папата Сикст Четврти да ја наслика, заедно со други уметници, новоизградената Систинска капела со портрети на претходните папи. Со смртта на Лоренцо де Медичи во 1492 година, златната доба на сликарството во Фиренца завршила и започнале социјалните и верските немири. Тоа беше време кога со Фиренца владееше противникот на династијата Медичи и идејата на ренесансата, свештеникот и проповедник Џироламо Савонарола. Под негово влијание, Ботичели сликал само религиозни теми. Сликата „Човекот на болката“ е од тој период. Неодамна беше објавено дека ова дело ја „крие“ Богородица, која во заднина држи дете во раце. Имено, цртежот што Ботичели, како што се верува, прво почнал да го слика на платно, а потоа ја продолжил сликата „Човекот на болката“, е пронајден со помош на инфрацрвени зраци.