Отворена изложбата „Интимно понирање“

Изложбата со наслов „Интимно понирање“ на академскиот уметник Трајче Чатмов е отворена во галеријата „Ел Греко“. Изложени се дваесетина дела работени во последната година во техниката акрил на платно.
– Тоа се слики што досега не биле изложени и што се продолжување на циклусот ,,Интимно понирање“, но и слики со една нова колористична гама – вели авторот на делата.
За изложбата во каталогот пишува уметникот и професор Гоце Наневски.
– Дали закопувањето на контаминирана земја со цезиум во земјена дупка е чин со кој ја спасуваш преостанатата земја и сѐ на неа? Дали ако носиш парче од некое свое дело во џебот го носиш и целото дело? Дали ако си говориш себеси на некој неразбирлив јазик е разговор со самиот себe? Дали возењето со ист автомобил во кој се возел друг човек значи дека си се возел со истиот човек?
– Создавањето уметност врз почва полна со „храна“ е убаво. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да го има предвид времето во кое таа е создадена. Дискусијата за создавањето уметност секогаш треба да ги има предвид општествените услови во кои таа е создадена. Нема добри услови за создавање уметност. Добрите услови се отаде уметноста. Диктатурата е едно од местата во кои се создавало уметност. Медиумскиот „розов“ мрак исто така. Мракот и светлината се услови во кои е подеднакво создавано. Мракот и светлината се како просторот и формата. Просторот ја дефинира формата. Сликарството кога е различно има можност да биде објаснето. Почитта е етичко-ликовен момент. Сликарството има моќ да учи. Без учење нема сликарство. Рефлектирањето надвор од сликарството е утопија. Рефлектирањето во сликарството е историја или повеќе можни истории. Еднаш напишав: „Предзнаењата се одлични и ’Легендите се за читање‘“. Сега дополнувам: „Читајте ги сликите на Чатмов!“ – порачува Наневски.
Трајче Чатмов (1971 г.) ја започнува академската наобразба во 1992 година, со запишување на Факултетот за ликовни уметности во класата на професорката Ана Темкова. Своето усовршување го продолжува повторно во областа на уметноста, но овој пат проширена во делот на филозофијата и своите постдипломски студии ги завршува под менторство на професорот Родољуб Анастасов – сликарство и филозофија (естетика) под менторство на професорот Кирил Темков. Имал самостојни изложби во Скопје, Велес, Битола, Врање и во Белград (Србија), а учествувал и на повеќе групни изложби низ Македонија и надвор: Германија, Полска, Словенија, Србија, Бугарија, Дубаи… Покрај со сликарство, се занимава и со фотографија, анимиран филм и документарен филм за што и има добиено неколку награди во 1997/8 година (најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“).