Уметниците од африканско потекло триумфираа на 59. Биенале на уметности во Венеција, кое официјално беше отворено на 23 април. За најдобар павилјон е избран британскиот, во кој учествуваше Соња Бојс, уметница од африканско-карипско потекло, а „златниот лав“ за најдобар учесник на централната изложба, на темата „Млеко од соништата“, го доби Симон Ли, која е и претставничка на САД во националниот павилјон. И двете уметници се првите црнкињи што го добиле „златниот лав“ во речиси 130-годишната историја на Биеналето во Венеција, најстарата меѓународна изложба на современата уметност, која паузираше во 2021 година поради пандемијата и се одржува за првпат по три години.
Жирито на 59. Биенале им додели специјални признанија на павилјоните на Франција и на Уганда, кои првпат учествуваат на биеналето. „Сребрениот лав’ за перспективен млад уметник му е доделен на Али Чери од Либан, кој живее и работи во Париз, а учествува и на претстојниот 75. Кански филмски фестивал како режисер на „Брана“, копродукција на повеќе земји. Специјални награди на централната изложба им се доделени на американската уметница и режисерка Лин Хершман Лисон и на уметникот Шувинаи Ашона, Инуит од Нунавут, Канада.
„Златниот лав“ за најдобар павилјон, кој го доби британскиот, го претставува Соња Бојс, која ја изложи мултимедијалната инсталација „Филинг хер веј“, посветена на група музичари од африканско потекло со кои соработуваше. Според жирито, нејзината работа повикува на ново читање на историјата преку звукот. Посебно признание доби францускиот павилјон, во кој уметницата Зинеб Седира се претставува со изложбата „Соништата немаат наслови“, односно филмска инсталација што го истражува поривот за снимање милитантни филмови во текот на 1960-тите и 1970-тите години. Претворајќи го францускиот павилјон во филмско студио, Зинеб Седира ги поместува границите на фикцијата и реалноста, личната и колективната меморија.