Министерството за култура на Македонија и Фондот за иновации и технолошки развој започнуваат процес за забрзано дигитализирање на картотеките на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, со цел да се остварат заштита, валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство на македонскиот јазик. Предизвикот е наменет за претпријатија што можат да понудат иновативно решение – сами или во соработка со установа, која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност или друго претпријатие. Проектот треба да содржи пет поглавја во кои се опишуваат методологијата на работа, процесите, технологијата и компетенциите што ќе бидат ставени во функција за да се остварат целите на проектот.

Министерката за култура, Ирена Стефоска, истакнува дека станува збор за јазични записи собирани со децении на терен од вработените во институтот, но и од студенти, информатори и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, кои со својата собирачка активност помогнале во зачувувањето на ова јазично духовно богатство.
– Ентузијазам што овозможил, како култура, да застанеме рамо до рамо со најголемите светски култури – вели Стефоска.

Од петте милиони уникатни јазични записи, досега за девет години се дигитализирани само 140 илјади ливчиња. Според Стефоска, тоа е премалку и пребавно и ако продолжи со вакво темпо, веројатно ќе требаат безмалку уште 400 години за да се дигитализира само овoj скапоцен материјал.

– Должни сме да ги заштитиме нашата култура и богата историја и да го превенираме секој ризик по нив. Поради идните генерации – додаде министерката за култура.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, истакна дека оваа инвестиција е од специјално и навистина големо значење за сите идни генерации бидејќи инвестираме во осовременување и заштита на македонскиот јазик како наше најголемо духовно културно наследство, на дијалектите на македонскиот јазик и топонимијата на Македонија.

– На овој начин ќе создадеме активна заштита на записите во изворна дигитална содржина, како и пасивна заштита од сите форми на ризици што можат да го оштетат или трајно да го уништат културното наследство – рече Петров.
Тој додаде дека е обезбеден вкупен буџет во износ од 14 милиони денари, за кој ФИТР обезбеди девет, додека Министерството за култура учествува со пет милиони денари.