Централна тема во септемвриската програма на Кинотеката на Македонија ќе бидат дигитално реставрираните култни српски филмови (од југословенската ера). Десетте извонредни наслови се дел од едицијата „Вип кинотека“ на Југословенската кинотека од Белград, во соработка со познатиот мобилен оператор. Но насловот на таа едиција може да се „прочита“ и како „Многу важни филмови“.

– Филмските критичари и историчарите на филмот, слично како винарите, знаат да истакнат одредена година како круцијална во „бербата“ на подвижните слики. Кога сме кај филмските „берби“, 1967-та е една од тие години во некогашната југословенска кинематографија, што даде одличен квалитет. Целулоидната реконструкција на периодот на крајот на 1960-тите во југословенската кинематографија вели дека либерализацијата им дала крилја на филмските творци. Живоин Жика Павловиќ во таа 1967 година снимил дури два долгометражни играни филмови, „Кога ќе бидам мртов и бел“ и „Будење на стаорците“, а ние ќе го видиме првиот наслов, кој не само од денешен аспект изгледа вчудовидувачки кога станува збор за можностите за снимање филмови – најавуваат од Кинотеката.
Заедно со „Љубовен случај или трагедијата на службеничката во ПТТ“ на Душан Макавеев, реализиран истата година, појавата на црниот бран во југословенската кинематографија е востоличена. Црн бран е политичко-идеолошка квалификација на тогашните власти, додека критиката и историјата повеќе го милуваат терминот нов бран. Инаку, поновите критичко-историски согледувања ги рехабилитираат делата на Воислав Нановиќ (режисерот на првиот македонски долгометражен игран филм „Фросина“, од 1952) од 1960-тите, кога се вратил од САД, како пионери во создавањето критички интонирани филмови.

– И, како и да бил квалификуван тој творечки бран, не траел долго. Четири години подоцна, Макавеев со филмот „В.Р. мистерии на орга(ни)змот“ и Лазар Стојановиќ со „Пластичен Исус“ од 1971-та биле повод за финална пресметка на власта со „црните“ автори, преку судски процеси и отежнувања на идните проекти. Како и во други пресвртни времиња, и овој период не е лишен од парадокси. Кон крајот на 1960-тите, југословенската кинематографија ги бележи најголемите интернационални дострели – Александар Петровиќ со „Собирачи на пердуви“ во 1967-та ги доби Големата награда на жирито и наградата ФИПРЕСЦИ во Кан, а беше номиниран и за „оскар“ за најдобар странски филм; Желимир Жилник со „Рани трудови“ во 1969-та ги освои „златната мечка“ и наградата на младата публика на Берлиналето – и тоа со филмови што естетски спаѓаат во тој фамозен нов/црн бран. Од друга страна, пак, Макавеев емигрира од Југославија и снима во Франција, Австралија и во Германија, а Стојановиќ по затворската казна никогаш не му се врати на филмот: беше новинар дописник на странски медиуми, политички активист – велат од Кинотеката.

Септемвриската програма се отвора со Неделата на германскиот филм, со новите наслови од германска продукција. Ќе бидат прикажани неколку наслови од европска продукција што изминатиов период го привлекоа вниманието на филмофилите, а во пресрет на националниот празник 8 Септември ќе биде прикажана приогодната програма по повод 30 години независност на Македонија и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, со неколку кратки документарни наслови. Минатиот месец почина актерката Сабина Ајрула-Тозија, а во нејзин спомен ќе биде прикажан играниот филм „Жед“ на Димитрие Османли од 1971 година.