Книгата „Љубовни писма: Вита и Вирџинија“, со предговор на авторот Алисон Бешдел, излезе во почетокот на месецов, во издание на американскиот издавач „Пингвин“, во едицијата „Винтиџ“. Во збирката се собрани писмата низ кои се раскажува приказната за двете писателки, Вирџинија Вулф и нејзината (пријателка) Вита Секвил Вест, која никогаш не поминува незабележливо.
За разлика од скандалозните импресии на јавноста за ова пријателство, ниту сопругот на Вулф, Леонард, ниту оној на Вита не гледале нешто трагично во таа релација. Либералниот Леонард Вулф многу бил свесен за бисексуално отворениот брак на Вита и нејзиниот аристократски сопруг Харолд Николсон.
За фактот дека нивната страст никогаш не била забранета зборуваат сите документирани љубовни писма што си ги пишувале, во периодот од средината на 1920-тите години, кога нивната љубовна афера започнала, па до 1929 година кога завршуваат љубовните термини.
Двете имале и други љубови, а Вулф, како „постарата во врската“, почнала да се чувствува „несакано и непристојно“. По прекинот на нивната љубовна афера, тие го задржуваат нивното пријателство. Синот на Вита, го нарекува „Орландо“, романот на Вирџинија Вулф, најдолгото и најомиленото љубовно писмо во литературата.

Аделин Вирџинија Вулф, писателка и основачка на феминистичката книжевна критика, е родена на 25 јануари 1882 година во Лондон. Иако е најпозната по своите романи, особено „Госпоѓа Даловеј“ (1925) и „Светилникот“ (1927), Вирџинија има напишано серија есеи за теоријата на уметноста, историјата на книжевноста и феминизмот. Таткото на Вирџинија Вулф, сер Лесли Стивен, беше познат професор од Оксфорд, историчар и автор, а нејзината мајка Џулија медицинска сестра што поседуваше голема убавина и престиж. Како девојче, на деветгодишна возраст, Вирџинија го започнува семејниот весник „Хајд парк гејт њуз“, во кој ги документира духовитите анегдоти на своето семејство. Додека нејзините браќа се школувале на Кембриџ, Вирџинија и нејзината сестра Ванеса се школувале дома, што го сметала за голема неправда.
Сепак, раните трауми ќе го уништат нејзиното безгрижно детство и ќе ја обележат засекогаш. Како што пишува во своите мемоари, Вирџинија и нејзината сестра Ванеса биле жртви на сексуално малтретирање од страна на нивните полубраќа. Таквата нездрава врска ќе ја направи незаинтересирана за интимни односи, а раното заминување на нејзината мајка, која починува од ревматска треска, и загубата на нејзината полусестра, брат и татко, се само дел од низата трагедии со кои ќе се соочи младата Вирџинија.

Силните удари што ја погодија оставија трага во нејзината психа и, секако, се причина за низа нервни сломови, кои предизвикаа неколкупати да биде хоспитализирана. Во текот на својата кариера, Вирџинија редовно предава на колеџи и универзитети, а до средината на 40-тите години се етаблира како интелектуалка, иновативна и влијателна писателка и пионерка на феминизмот.
Покрај соработката со познати уметници и писатели од тоа време, таа одлучи да ги собере во групата „Блумсбери“, која се залагаше за филозофски идеи за вредноста на љубовта и убавината како најважни работи во животот.
Иако имала многу додворувачи, Вирџинија се омажила во своите 30-ти со писателот и социјален активист Леонард Вулф, со кого го основала „Хогарт прес“, независна издавачка куќа што ги објавувала нивните дела, како и дела на други писатели. Нивниот брак траел 26 години, а освен разбирањето и грижата што ѝ ги даваше нејзиниот сопруг, недостигаше најважното – љубовта.
За да ја пополни празнината, Вирџинија бара љубов во кругот на нејзините пријатели, а подоцна и во женски пријателства.
Во својот прв роман, објавен во 1916 година, „Одење на море“, Вирџинија се осврнува на социјалните слоеви и положбата на жените во тоа време.
Нејзиното деби е проследено со „Ноќ и ден“, „Госпоѓа Даловеј“, „Светилникот“, „Бранови“ и збирки есеи и книжевна критика „Сопствена соба“ и „Три Гвинеи“.

Во нејзиниот феминистички есеј „Сопствена соба“, заснован на предавањата што ги одржува на колеџ за девојчиња, таа вели: „Жената мора да има свои пари и простор ако сака да пишува фикција“. Вирџинија Вулф посвети голем дел од својот живот на разгледување на позицијата на жените во викторијанското општество. Во нејзините романи, жените се припадници на средната и горната социјална класа, кои, иако живеат во хармонични односи – брак, всушност се длабоко неисполнети и осамени затоа што им е доделена оваа социјална улога. Нејзината кревка ментална состојба, депресијата и почетокот на Втората светска војна на крајот ќе ја доведат до самоубиство. Едно априлско утро, таа му напишала проштално писмо на својот сопруг во кое се вели: „Не мислам дека две лица може да бидат посреќни отколку што бевме ние“.
Вирџинија Вулф ги наполнила џебовите на палтото со камења и скокнала во реката. Во тоа време имала 59 години.