Уметникот од светски глас Игор Ешкиња, на самостојната изложба „Ја сонуваат ли растенијата утрешнината“, отворена во „Делта лаб“ во Риека, презентира примероци од растенија од напуштени индустриски простори (Млака, Брајдица, Шкољиќ, Делта, Моло лонго и Бенчиќи) во истиот град, трансформирани во дизајн на тапети. Инсталацијата е дел програмата „Дополаворо“, на проектот „Риека 2020 – европска престолнина на културата“.
– Растенијата што ги населуваат празните простори на некогашните големи риечки индустрии не се исти како оние што ги наоѓаме на ливадите и во шумите во околината на градот. Често не можеме да ги класифицираме, за нас тие се непознати растенија, од кои немаме корист и кои ги нарекуваме плевел. Притоа, метафората на плевелот може да се протега и на самите напуштени простори, кои веќе немаат фракција и категорија во која може да ги сместиме, кон кои не можеме да изградиме однос бидејќи и не ги ни познаваме – вели Игор Ешкиња, кој во тригодишниот процес на работа на изложбата соработувал со биолозите од Природонаучниот музеј од Риека, Жељка Модриќ Сурина и Боштљан Сурина.

Со нив тој ги посетувал просторите на некогашните фабрики, складишта и поморски пристаништа што ѝ овозможиле развој на Риека и ја обликувале во урбана околина каква што ја знаеме денес. Растенијата што ги пронашле таму, во голема мера не ја претставуваат автохтоната флора, туку станува збор за мигранти од Блискиот Исток, од азиските степи, од јапонските острови или од атлантските брегови на Северна Америка. Како што и жителите на Риека, во голема мера потомци на работниците што во новоизградените индустриски хали пристигнувале од различни делови на Хрватска и Југославија, така и овие растенија во нив пронашле свој дом во текот на миграцијата на нивните предци. Примероците на растенија од напуштените риечки индустриски простори уметникот ги трансформирал во дизајнерски примероци, претставувајќи ги во форма на ѕидни тапети, облик на украсување на ентериерот, кој во 19 век бил исклучително изразен.

Иако се наоѓале главно во градските згради, тапетите исто така можеле да се пронајдат во работничките и селските куќи, а примероците на растенија на нив главно претставувале богатство што доаѓа од далечниот и егзотичен свет. Со преземање на овој необичен медиум, улогата на тој репрезентативен растителен свет Ешкиња субверзивно му ја дава на плевелот, раскажувајќи приказна за растенијата на кои во просторот создаден со човечка рака токму отсутноста на човекот им овозможила живот. На изложбата се презентирани шест тапети со шест примероци, од кои секој му припаѓа на еден дел од градот и е составен од делови од примероците на растенијата што растат на тоа место.
– Станува збор за делови од градот што во еден момент биле потполно урбанизирани или вештачки создадени, за човечка интервенција во просторот, кој потоа послужил како платформа каде што тој жив свет се населил – укажува Игор Ешкиња.
На прес-конференцијата пред отворањето на изложбата, Давор Мишковиќ од име на здружението „Друго море“ и на програмската насока „Дополаворо“ истакнал дека индустриското наследство секогаш го набљудуваме низ историски или економски контекст.

– Игор воведе друг вид прочистување, растителен живот што не е структуиран со човечка дејност и на тој начин го стави во прв план. Богатството на тој живот е навистина исклучок, така што размислуваме да продолжиме со овој проект – истакнал Мишковиќ.
Предвидено е во текот на изложбата, која ќе трае до 24 јули, да се одржат два разговори: со Игор Ешкиња, на тема тапетите како уметничка форма, и со ботаничарот Боштљан Сурина, за растителниот свет во Риека.