„Ти си мобилна архитектура“ на Ирена Пејовиќ е осумдневен мултисензорен настан, кој ќе трае од 10 до 18 јули, во Музејот на современа уметност. Овој настан, како што стои во најавата, кореографира движења преку комбинирање облека, модуларни форми, предлози, како што се: фотографскиот објект и звукот како место, материјалноста како настан, техниките на организација во природата и организација на луѓето, како и она што се појавува.
– Тоа e тековно истражување низ средините на движење, нема фиксно значење и нема фиксна форма. Делото е мобилно, затоа значењето треба да биде во мобилноста. Тоа е хаптичен простор, мазен простор каде што ветрот свири, дрвото пука и бара сите да учествуваат во неговото создавање. Се бара отворен процес на создавање, за да се овозможи дело што е живо, форма што е во формирање – велат од МСУ.
За време на летото 2015 година Пејовиќ отпатува на островите Милош и Санторини во Грција, со мислата за кореографија во природата, за улогата на временските појави и подредувањето во природата, како начин на градење.

– „Ти си мобилна архитектура“ започна како резултат на пронаоѓањето на ветрот како нова агенција во градењето. Фотографиите, видеодокументацијата, звучните снимки, движечкосензорните настани и движечкосоздаваните настани од агенциите: телото, ветрот и ткаенината – кои градат низ средините на движење, беа дел од почетокот на ова истражување. Подоцна беа организирани кратки експериментални вечери со учество во театарски и домашен амбиент, користејќи го движењето во перцепција и следењето на настаните во формирање, како начин за донесување одлуки преку кореографскиот објект, перцепцијата во материјалот, фотографијата како средство да се помести локацијата – вели авторката.
Во октомври 2015 година беше организиран тричасовен јавен настан во Рахуај, Њу Џерси, каде што публиката беше интервјуирана за тоа што е мобилна архитектура. Разговорите доведоа до одговори како што се: градење на социјалниот статус, мода, храна, преодни рутини, нешто што се движи, сетила, брендирање, вредност/пари, тековност во работите и друго. Овој настан создаде многу пошироко разбирање на тоа што претставува мобилната архитектура.
Ирена Пејовиќ (1981 г.) живее и работи во Њу Џерси. Дипломира и магистрира ликовна уметност на државниот универзитет „Монтклер“ во Њу Џерси.