Шест „мали“ чуда на Ибица

1.Can besso – замислите куќа стара 350 години, среде шумовит рид, од чиј двор се отвора ослободен поглед кон бесконечната морска шир, која своето име „близнаци“ го задржала можеби од прекарот на својот прв сопственик. Замислете во далечините, кон копното, подалеку од морето, уште неколку такви бели ридски куќи подзакриени од дрвјата. И замислете една таква меѓу нив, „Куќата на Пепе“, каде што се служи најделикатесна тајландска храна – пролетни ролки, пиле во ананас-сос, и како круна – сочна а крцкава патка. И замислете го ноќниот повраток кон Can besso, додека муабетите за животни, под светлото од фаровите на автомобилот пред вас поминуваат зајаче, еже и некоја чудна долгонога птица, која дури по дваесетина спокојни чекори бавно летнува.

2. „Рамен“ – сега местото е во градот, не во неговиот туристички дел, со предвидливи полукич-мамки за еуфоричните странци, туку во оној маалскиот, каде што во кафеаната „Дарума“ семејно се муабети на ибиценски, на долги дрвени маси, се пие „шанди“ и се сркаат супи, меѓу и тој јапонски (!) рамен, најнеобична и највкусна смеса од преплетени, стопени состојки.

3. „Ebusus“ – повторно кафеана, старомодна, од почетокот на 20 век, чие латинизирано име на Ибица (инаку формиран од Фениќаните) ја навестува намерата на неколку некогашни членови на тогашното социјално повисоко месно општество да формираат затворен клуб на љубители на уметноста што ќе организираат читања, изложби и предавања. Кога првпат наминав таму да се напијам „кафѐ кон лече“, ме привлече човечкиот фактор – двајцата љубезни келнери, жена и маж, и уште повеќе гостите – сите постари од мене, некои читаа весници што им беа принесувани од љубезните келнери, некои играа карти, а повеќемина, можеби потомци на основачите?, водеа, за нивната возраст, неочекувано живи дискусии.
4. Играње пинг-понг со Санти, Рубен и Рики – во паркче близу „Фигеретас“, една од градските плажи, нѐ чекаше масата за предвечерни турнири, што ме вратија во детството кога со еднаква возбуда и предаденост ги игравме маалските партии во дворот на Алжирска 1.

5. Playa d’en Bossa – една од песочните плажи, чести во Ибица, и тоа попладне, сѐ би било предвидливо (капење, сончање + прегласна музика) да не се случи едно спонтано дружење на три генерации на семејството Прокопиеви – од највозрасниот, папа Сашо, до најмалечката, Лули – вистински хепенинг!

6. Кај Педро – како и во континенталното Скопје, и во морската Ибица температурите шампионски скокаа до 40-от степен, а колку повеќе сонцето печеше, и морето како да почна да испарува покриено со замаглена пареа. Тешко се дишеше, и крајно време е, рече ќерка ми Лара, да се потстрижиш. Ќе те водам кај Педро, тој супер ќе те среди. Така, отидовме во берберницата на Педро и додека тој го „обработуваше“ претходниот муштерија, еден мустаќлија (ми заличи на Мексиканец), се договаравме со Лара какво шишање да порачаме. Но во својот дуќан, Педро беше неприкосновен мајстор. И ете, во (прежешкото) Скопје се вратив со фришка ибиценска фризура.