Шесто издание на конференциjата „Неолитот во Македониjа“

Меѓународната конференција „Предисторија во Македонија“ годинава го имаше своето онлајн издание. Настанот е шесто издание на веќе традиционалната конференција „Неолитот во Македонија“, која поради големиот интерес беше неопходно хронолошки да се прошири.
На неа беа изложени 14 реферати на триесетина археолози од Македонија, Албанија, Србија, Грција, Турција, Словенија, Романија, Чешка, Австрија, Германија, Швајцарија, Италија, Шпанија, Франција, Велика Британија и од САД. Македонските и странските археолози говореа за најновите сознанија поврзани со предисториското културно наследство во Македонија, Балканот, Анадолија и во Централна Европа и наедно дискутираа за научните проблеми што ги обработуваат врските меѓу овие региони.
На конференцијата беа презентирани најновите сознанија од истражувањата на повеќе предисториски локалитети, вклучувајќи ги и резултатите од кабинетските, теренските и од теориските проучувања.

Беа промовирани и новите методи што се применуваат при истражувањето на предисториските населби, како што се просторните, геомагнетните, зооархеолошките, дендрохронолошките, функционалните и археоботаничките анализи, но исто така и тековните пристапи во толкувањето на стратиграфијата, архитектурата, садовите, алатките, погребувањата и човечките претстави во предисторијата.
Во рамките на конференцијата беше промовирано најновото издание на Центарот за истражување на предисторијата, зборникот на трудови „Неолитот во Македонија: во чест на Драгица Симоска“. Овој зборник е резултат од минатогодишната конференција и претставува петто издание во оваа едиција посветена на неолитот.
Конференцијата е во организација на Центарот за истражување на предисторијата и таа е финансиски поддржана од Министерството за култура.