Годините поминати во разгледување на собраните трудови и артефакти од уметници како Јозеф Алберс, Александар Калдер и Роберт Мадервел, родија живописен материјал што вработените во „Смитсонијан“ со години го прикажуваа само преку неформални канцелариски експонати за време на празниците. Објавената книга претставува крстосница помеѓу некои навистина интересни картички за кои веќе се знаело, но и нови откритија

За Мери Севиџ и нејзините колеги од архивата на американската уметност „Смитсонијан“, пребарувањето низ кутиите со донирани трудови, белешки и уметнички дела, за откривање празнични честитки во опусот на познатите уметници на 20 век, резултира со проект-книга. Книгата насловена „Рачно изработени божиќни картички испратени од познати уметници на нивните пријатели“ содржи слики од оригинални акварели, скици, принтови на свила, цртежи и предмети од мешани медиуми, чии автори се истакнати уметници што ги испраќале како поздрави до пријателите и колегите.

Годините поминати во разгледување на собраните трудови и артефакти од уметници како Јозеф Алберс, Александар Калдер и Роберт Мадервел, родија живописен материјал што вработените во „Смитсонијан“ со години го прикажуваа само преку неформални канцелариски експонати за време на празниците. Објавената книга претставува крстосница помеѓу некои навистина интересни картички за кои веќе се знаело, но и нови откритија. Откриените рачно изработени божиќни честитки се особено почитувани поради својата изненадувачка едноставност или, пак, се сметани за храбри екстензии на авторската „причина да се биде“.

– Еден од интересните експонати е картичката на надреалистичката уметница Кеј Сејџ. Делото се состои од метална спојувалка за хартија, две гумени ластичиња и парче картон со зборот „Ноел“ напишан на неа. Уште една надреалистичка сликарка, уметница од Чикаго, по име Џулија Текла, има создадено прекрасна и комплексна сезонска честитка за Кетарин Кух, нејзина кураторка и пријателка, која исто така била и нејзина менторка. Текла ги сакала празниците и била позната по нејзините вибрантни сезонски слики и домашно изработените честитки што се продавале во градските бутици – вели Севиџ.

Текла направила сложена честитка на црна заднина, на која истурила бела боја за да изгледа како снег. Потоа, таа направила снешко од кругови од стиропор и го украсила со водени бои. Снешкото во раката држи мал плик во кој има мала картичка, а на неа пишува: „За Божиќ и Нова година, ви посакувам една торба полна ваши тајни желби“.
Покрај нивната сезонска важност, овие слики нудат увид во животот и времето на нивните творци.

– Она што најмногу го ценам е што тие ги покажуваат односите во уметничкиот свет. Може да разберете дека голем дел од овие уметници биле дел од блиски заедници и можете да ги мапирате овие односи. Исто така, овие картички ги хуманизираат овие уметници, затоа што понекогаш преку нив може да се види дека тие биле игриви или шармантни, дури и кога нивната уметност не била – вели Севиџ.