Цртички

Novelas ejemplares
„Novelas ejemplares“ се објавени во 1613-та во Мадрид, кога Сервантес имал 66 години (колку и јас додека ја пишувам оваа читателска белешка), остарен, истоштен и сиромашен, но авторски импресивно моќен, штом во тие животно тешки години можел да ги заврши вториот дел на „Дон Кихот“, „Примерните новели“, „Патот за Парнас“, уште осум нови комедии и меѓуигри и „Згодите и незгодите на Персил и Сигисмунда“.
Тешко може да се најде творец како Сервантес што тукуречи до последниот здив на својот земен живот создавал врвни остварувања од типот на „За револуциите на небесните сфери“ на Никола Коперник, епохално дело што, според легендата, астрономот го видел отпечатено на денот на својата смрт, или недовршениот Реквием на Моцарт…
Во посветата до грофот од Лемос во втората книга на „Дон Кихот“, Сервантес пишува: „Вчера ми го дадоа последниот опрост, а денес ова ви го пишувам; времето е кусо, тескобноста расте, надежите се изнемоштуваат, но и покрај сето тоа, во животот ме држи желбата да живеам…“.

Сценарио – анимација
Во разговор со група млади режисери по анимација, се присетив на изјавата на врвниот артистички перфекционист Стенли Кјубрик за филмското сценарио. Тој никогаш не создал анимиран филм, но се инспирирал од книжевни дела, без оглед колку подоцна ги менувал во согласност со своите режисерски намери: „Пеколен портокал“ на Брџес, „Лолита“ на Набоков, „Сјаење“ на Стивен Кинг, „Одисеја“ на Артур Кларк, „Очи ширум отворени“ на Шницлер, „Бари Линдон“ на Текери…
Кјубрик некогаш кажал дека филмското сценарио го гледа пред сѐ како музичка партитура, а дури потоа како текст.

Можеби приказната во краткиот анимиран филм е податлива да се поврзе со тоа како се води музичкото темпо во него. На пример, стакато = отсечно, со брза измена на секвенци, со експресивен, минималистички цртеж. Спротивно, легато = мека поврзаност меѓу тоновите, сенчења, нијанси. Алегро ма нон тропо = брзо, но не премногу, внимание кон деталите и споредните ликови, но во согласност со суштинската приказна и судбината на главниот лик.

Цвеќе на прозорецот
Куќата е сосема обична петкатница со извалкана фасада.
Еден прозорец на петтиот кат се отвора секое утро. Наспроти мојата соба, од другата страна на улицата.
Гледам, среде разбудениот град, како нечија рака, внимателно и нечујно, ја полева саксијата со бело цвеќе.