Монографијата „Црква ’Свети Никола’ – Слепче, Демир Хисар“ од историчарот на уметноста Сашо Цветковски, чиј издавач е манастирот „Св. Атанасиј Велики“ од демирхисарското село Журче, претставува исцрпна и сеопфатна анализа на мирската црква „Св. Никола“ во селото Слепче, чија изградба датира од 1867 година, а ѕидното сликарство од 1884 година.
– Регионот на Демир Хисар, средновековниот Железнец, претставува ризница на средновековната уметност и култура, чии содржини, иако одамна се познати пред научната и стручната јавност, дури во последниве години стануваат предмет на фокусиран научен интерес. Значајна улога за интензивирањето на проучувањата на културното наследство во овој регион има „Демирхисарската летна школа“, реализирана од 2017 до 2019 година, во чии рамки се спроведени научноистражувачките активности за монографијата – вели историчарот на уметноста Александар Василески.

Тој укажува дека авторот на монографијата, Сашо Цветковски, со сигурен пристап на врвен познавач на уметноста од времето на преродбата, прави темелна анализа на архитектонските карактеристики и на сликарските остварувања, притоа издвојувајќи ги специфичните решенија и поставувајќи ги во поширок регионален и балкански контекст. Содржината на монографијата е структурирана во шест посебни дела. Во воведот накратко се претставени најзначајните сакрални пунктови во Демирхисарскиот Регион и се соопштени позначајните студии што им биле посветени.

Наедно, нагласени се културното и духовното значење на Слепченскиот и Топличкиот манастир и укажано е на ограничениот фонд на податоци со кои се располага за животот на овие простори во средниот век.
– Првиот дел, „Селото Слепче низ историјата“, претставува исцрпна анализа на познатите, зачуваните историски извори за селото и за црквата „Св. Никола“.

Концизно образложувајќи ги народните преданија и историските факти за основањето на селото и приликите во кои се наоѓал Демирхисарскиот Регион до османлиските освојувања, авторот прави детален преглед на пишаните податоци од османлиските пописни дефтери што се однесуваат на Слепче, а кои се најзначаен извор за демографијата и економијата на селото во периодот од средината на 15 до средината на 17 век. Од втората половина на 17, па до крајот на 19 век за историјата на селото говорат поинакви документи, зачувани во сиџилите на Битолската каза, кои говорат за задолжувањето на селаните и за средствата, кои биле собирани за заштита на селото од ајдутски напади. Историскиот преглед е заокружен со образложувањето на податоците за самата црква, содржани во натписите и записите од архитектурата, фрескоживописот, иконите и богослужбените книги, но значителни информации донесуваат и делата на старите патописци, особено патописот на архимандритот Антонин. Карактеристиките на градбата се обработени во делот „Архитектура“, каде што покрај дескрипцијата на поединечните архитектонски елементи и градежните техники, особено внимание е посветено на декоративната пластика вградена во фасадните површини, од која се издвојуваат две плочи, на кои во релјеф се запишани имињата на градителите и годината 1867, кога била изградена црквата. Мајсторите Коста, Јован и Ангеле од Цер, се вбројуваат меѓу малкутемина мајстори градители во Македонија, кои со потпис во неколку наврати го потврдиле својот ангажман, што му овозможило на авторот со голема сигурност да ја проследи активноста на нивната тајфа, а и како нивно дело да ја определи и градбата на мирската црква во Небрегово.

– Монографијата на Цветковски не претставува само заокружена студија на архитектурата, фрескоживописот и иконите од црквата „Свети Никола“ во Слепче, туку е и значаен исчекор за проучувањето на уметничките текови од 19 век во Демирхисарско и во соседните области на Пелагонија и Кичевско – се вели меѓу другото во приказот на монографијата, објавен во „Патримониум.мк“, Александар Василески.