Студентите на Факултетот за драмски уметности организираат хуманитарната изведба на претставата „Ревизор“, в петок, во 20.30 часот, на академската сцена. Претставата ќе ја одиграат студентите по актерска игра од четврта година во класата на Мими Таневска-Србиновска и Ангелчо Илиевски.

Влезот на претставата е со донации во висина од можностите и желбата на посетителите. Сите средства што ќе се соберат ќе ѝ бидат предадени на Снежана Караџовска, која во сообраќајна несреќа ги изгуби двете нозе над колена. На самиот влез во салата, пред почетокот и по завршувањето на претставата, ќе биде оставена кутија каде што посетителите ќе можат да донираат средства.

Претставата „Ревизор“ е комедија во која власта во една руска провинција, соочена со доаѓањето на ревизорот, го покажува своето вистинско лице, целата корумпираност и злоупотребата на сопствената позиција. Преку гротескна игра се прикажани сите ситуации и изненадувања со кои се соочени ликовите.

Претставата беше наградена на фестивалот „Дионис 2018“, кој се одржува во Ѓаково, Хрватска.