Платната ќе бидат изложени во Музејот на Мимара од 2 до 29 декември, а сопственикот, кој е анонимен, изјавил дека ако Хрватска не покаже интерес, делата ќе ги продаде на Катар или на Кина

Музејот на Мимара, од 2 до 29 декември, ќе изложи две дела за кои се тврди дека се ремек-дела на славниот Пабло Пикасо, „Мандолина и гитара“, колаж и масло на платно од 1913 г. и „Жена со гитара“, масло на платно од 1910 г.
– Кога во 1999 г. еден Хрват ги наследил двете ремек-дела на Пикасо не ни насетувал на каква авантура ќе го однесе потрагата по вистината за делата – се наведува во поканата за изложбата во Музејот на Мимара.
Станува збор за кулминација на дваесетгодишен необичен пат на сопственикот во борба со бирократијата, различни интересни групи, како и со домашни и странски институции во процесот на докажување на автентичноста на делата.

Меѓународен тим професионалци од Америка, Австрија и од Хрватска, составен од научници, историчари на уметноста и независни истражувачи, посветено работеле на прецизно собирање докази за да можат денес овие дела да бидат достојно презентирани пред хрватската и светската јавност. Делата претходно никогаш не се изложувани. Од Мимара велат дека само го отстапуваат својот простор за изложбата, а сопственикот останува анонимен. Станува збор за личност од Дубровник, а изложбата е со продажен карактер. Сопствениците изјавиле дека ако Хрватска не покаже интерес, делата ќе ги продадат на Катар или на Кина.

Некои домашни експерти велат дека поседуваат докази дека станува збор за оригинали, но сѐ уште нема потврда од синот на Пикасо, Клод Пикасо, ниту од Ана Балдесари, експертка за Пикасо и директорка на Музејот на Пикасо, од 2005 до 2014 година, која рекла дека ги проценува само делата што се наоѓаат во Франција.