Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само неколку месеци по првата објава на еден од најголемите хитови, романот „Хипи“, долгоочекуваната нова книга на миленикот на читателската публика Пауло Коелјо, го добивме на македонски јазик во превод на Слободанка Колемишевска. Романот е еден од хитовите на издавачката куќа „Три“, за кој има голем интерес од домашните читатели.

Низ страниците на „Хипи“ Коелјо се навраќа на своите авантури на познатата хипи-маршрута, и ни открива дека сѐ уште е поборник за мир и љубов. Во својот најавтобиографски роман досега, авторот ни раскажува за едно непознато поглавје од својот извонреден живот и го споделува со нас сонот на хипи-генерацијата за послободен и помирен свет. Коелјо нè води на едно неверојатно патување со Волшебниот автобус, од Амстердам, преку Истанбул, Кабул, Делхи до Катманду, навраќајќи се на своето духовно патување и повторно оживувајќи ги спомените на тие интензивни времиња. Со секоја своја страница „Хипи“ го внесува читателот во тие неповторливи години на радост и љубопитност. Години во кои навистина се верувало дека револуцијата може да се направи со цвеќе и дека соништата можат да се остварат. Црпејќи од своето богато животно искуство, во овој роман Пауло Коелјо пишува за сонот за преобразба и пацифизам на хипи-генерацијата од почетокот на 1970-тите години.

Пауло е млад човек со долга коса што сака да стане писател. Бегајќи од воената диктатура во Бразил, тргнува на пат по светот во потрага по слобода и спиритуалност. Во Амстердам ја запознава Карла, млада Холанѓанка што го чека токму него за да тргне за Непал, најновата хит дестинација на хипи-племето, возејќи се со фамозниот Волшебен автобус. Ова патување низ Европа ќе биде наедно и почеток на една исклучителна љубовна приказна и потрага по внатрешните вистини што ќе ги однесат нив двајцата, а и нивните сопатници, до прифаќање на еден сосема нов светоглед.
Во интервјуто на етаблираниот писател, за бразилскиот магазин „Ела“, акцентот е ставен токму на неговите лични искуства од хипи-периодот.

– Мислам дека ако сте еднаш хипик, засекогаш ќе бидете хипик. Да се поедностави животот, да не се заборави дека најголемите задоволства на светот се бесплатни – пешачење, размислување за природата, медитирање, смеење и плачење без причина, поддршка на оние на кои им е потребна помош и да не дозволиш лесно да се манипулира со она што системот го бара од тебе – вели Коелјо во интервјуто.
Ова е 20-та книга на Коелјо, најчитаниот и најпреведуваниот писател во светот, со над 225 милиони продадени книги, преведен на 80 јазици и објавен во 170 земји.