ХАНС КАСТОРП МЕЃУ СЕТЕМБРИНИ И НАФТА (2)

Ман ги следи своите главни карактери во нивниот емоционален и душевен развој низ севкупниот наративен тек на делото (па оттаму и повеќето негови романи се определуваат како билдунгсроман), но и низ нивната специфична улога во книжевното градење на другите ликови. Во таа смисла би можеле Ханс Касторп формално да го именуваме како главен карактер во еден билдунгсроман, односно во „Волшебниот брег“ – љубопитен, едноставен млад човек, кој за време на своите седум години во санаториумот во Давос среќава, комуницира, се вљубува, прима влијанија од карактери многу посложени од неговиот. Иако Ман со симпатија го следи неговиот процес на „раснење“ во санаториумот – со слична наклонетост со која се „поддржуваат“ Јосиф, Тонио Кригер, Феликс Крул, главни ликови во познатите дела на авторот – тој ги опишува нивните чувства, размисли и реакции со благ потсмев. На крајот од романот, кога „ударот на громот“ директно го означува почетокот на големата војна, ова „невино сираче на животот“ е оставено само на себе – авторот не кажува дали тој ќе ја преживее војната или ќе погине како стотици, илјадници негови врсници.

Иако почетокот на Првата светска војна се случува на самиот крај на романот, читателот постојано ја чувствува, во навидум изолирана локација на санаториумот, аурата на едно напнато исчекување, на последните воздишки на епохата што заминува, соочувајќи се со неминовноста на надоаѓачката катастрофа. Кај малата заедница туберкулозни болни на волшебниот брег со наближувањето на војната се интензивираат емоциите, а во односот Сетембрини – Нафта се заострува личниот антагонизам. По војната ништо нема да биде слично – ниту приватниот, ниту јавниот живот, ниту геополитичката слика на светот, ниту духот на времето.

Касторповото созревање на волшебната планина е небалансирано, оди горе-долу во зависност од тоа каков тип вибрации прифаќа од другите жители на болницата. Сетембрини и Нафта се оние чие влијание е меѓу најсилните. Ханс првпат се среќава со Нафта (во друштво на Сетембрини) дури во вториот дел на романот – „беше гологлав, како што и му прилегаше, и само во одело – при тоа сосем пристојно облечен: неговото темносино фланелско одело со бели пруги покажуваше добар, умерено модерен крој, како што веднаш го забележа извежбаниот, испитувачки поглед на двајцата роднини, кои впрочем забележаа како малиот Нафта исто така, само побрзо и поостро ги одмерка“. Но, иако не толку глаголиво и пријателско како влијанието на Сетембрини, остроокиот Нафта неумоливо ги начнува мислите на младиот Касторп. Така, од една страна италијанскиот господин Лодовико Сетембрини, кој настојувајќи да му стане ментор и постојано го храни со страсни тиради за индивидуалноста, разумот и знаењето. Од друга страна – едуцираниот, аподиктичен догмат, професорот Лео Нафта со неговите суви, но жестоки и опасни аргументи. Какви моќни опоненти во борбата за освојување на конфузната душа на кутриот Ханс! Брилијантните описи на изгледот, гестикулацијата и мимиката, особено за време на вербалните дуели меѓу либералните, оптимистички идеи на Сетембрини и езуистичките на Нафта не го спречуваат Ман да го зачини раскажувањето со духовити коментари. Во секој случај, нивното „педагошко“ влијание врз Касторп содржи извесна пародична нота, што инаку е истакнувана од многубројни толкувачи на Мановата наративна постапка.

Дискусиите помеѓу Сетембрини и Нафта што започнуваат како речиси пријателски натпревар еволуираат во бурен конфликт, кулминирајќи со оружен дуел. Дури и во описот на таа трагична ситуација, Ман покажува професионално мајсторство портретирајќи ги своите јунаци: Сетембрини не сака да пука во својот противник (иако овој инсистира да го направи тоа) и стрела во воздухот, по што Нафта се убива.
Смртта на Нафта доаѓа како предупредувачки знак дека темните облаци на војната што го прекриваат небото над „Бергоф“ санаториумот наскоро ќе го проголтаат „мирниот“ живот на неговите пациенти. Амбиентот на санаториумот сега ја рефлектира сликата на Европа што ќе биде уништена и веќе никогаш нема да личи на она што била. Во истрелот со кој неофашистот Лео Нафта насилно му става крај на својот живот може да се слушне ехото на куршумот што Гаврило Принцип го истрела во Сараево означувајќи го почетокот на Првата светска војна. Атентаторот и фашистичкиот агитатор се спротивни по својата политичка цел, но средството е исто – силата на оружјето и смртта.

Кога читањето на книгата завршува, читателот знае дека суровото време на војната веќе влегува на сцената.