Ханс Касторп меѓу Сетембрини и Нафта (1)

Она што фасцинира во писателскиот опус на Томас Ман не е само неговата доживотна творечка продуктивност, туку, еднакво, неговиот ентузијастички приод и систематска работа врз различни, изискувачки теми на интерес. И неговиот последен, незавршен роман „Исповедите на Феликс Крул“ демонстрира младешка ведрина во пишувањето со, во исто време, длабоко искуствено познавање на човечката природа. Ваквата ретка комбинација на артистички квалитети е уште еден доказ за несомнено високиот ранг на Томас Ман меѓу неколкутемина модерни класици.

Истражувајќи ги со еднаква посветеност и задоволство епските, широки романи („Доктор Фаустус“, „Јосиф и неговите браќа“..) и новелите („Марио Кригер“, „Смрт во Венеција“…), Ман ја создава својата фундаментална уметничка стратегија амалгамирајќи ја индивидуалната психологија на неговите карактери со историскиот контекст.

Во таа смисла, неговото ремек-дело „Волшебниот брег“ ја инспирира секоја нова генерација читатели и книжевни толкувачи преку галеријата карактери развивани со брилијантен психолошки увид во интроспективниот мал свет на санаториумот во Давос. На прв поглед, се чини дека тој изолиран свет во планината е раздалечен од она што се случува „долу“ каде што заканувачките знаци на надоаѓачката војна стануваат сѐ посилни. Но тоа е само привид – во сите карактери во санаториумот и во нивните меѓусебни односи се очитува индивидуалниот одглас на напнатоста меѓу нерешените контрадикции на времињата пред војната.

Ќе се обидам да се осврнам на односите и консеквенциите на тие односи меѓу три лика во романот: Ханс Касторп, Сетембрини и Нафта.
Како што споменав, времето во санаториумот и она историското „во долината“ се навидум неповрзани. Главната разлика е што „корисниците“ на санаториумот имаат повеќе слободно време што го користат за разговори и размисли, а што на авторот му дава можности подлабоко и поцелосно да ги развива нивните карактери. И самиот Ман ја нагласува таа разлика меѓу „раскажувачкото“ и „историското“, односно тековното време и она што е потребно да се оствари раскажувањето во романот.

Оттаму, конфликтот меѓу Сетембрини и Нафта е повеќе отколку идеолошка борба меѓу еден либерален „citoyen“ и еден догмат. Со постепениот развој на нивните карактери станува јасно дека тие не се само симболични репрезенти на идеи – од една страна идејата на западноевропската демократија, од друга, онаа тврда монополитичка на фашизмот, туку се реални луѓе што живееле и дејствувале во периодот пред Првата светска војна. Интересно е дека за карактерните особености на Нафта, Ман се инспирирал по средбата со марксистичкиот филозоф Џерџ Лукач, инаку еден од највдахновените толкувачи на неговото дело.
А судирот меѓу Сетембрини и Нафта би имал навистина помала книжевна силина ако не се рефлектира врз личноста на Ханс Касторп.

(продолжува)