Фуснота за збунетиот читател

Според некоја природна логика на животниот процес, со годините запознавам, се дружам и добивам, со посвети, книги за читање од немал број современи автори (главно прозаисти) од кај нас, од Балканот и од светот. И не толку ретко, луѓето ми се поблиски од нивните книги, иако би сакал да е обратно. Не дека, одвреме-навреме, нема да ме занесе некој расказ, или да ме заинтригира фрагмент од роман (јас и онака не се дружам со лоши писатели), но она врвно, интензивно читателско задоволство што го чувствував додека како средношколец го откривав Булгаков или како студент Јужноамериканците, сега ми се случува… проретчено.

Затоа, пак, ме затекнуваат читателските воодушевувања од некои просечни книги, само затоа што се рекламираат како хит-изданија. Излегува дека пумпањето на бројноста на корисниците ја нагризува онаа нормална елитистичка намера кај писателот додека го создава делото, па наместо резултат на таа успешна (или неуспешна) авторова книжевна и стилска доследност, се произведуваат книги што најмногу личат една на друга во стремежот да станат популарни, а нивните автори „славни“.

Сигурно е дека добри романи и збирки раскази и натаму се пишуваат, а тоа што бројот на читатели-соучесници на ваквите прозни дела се намалува и што тие имаат сѐ помалку трпение (!) да се вдлабочат во нив, не е поради „нечитливоста“ на прозата, туку поради фактот што мнозинството читатели паѓаат под потребното ниво за да се разбере четивото и да се ужива во него. И порано читателот често задоцнувал во препознавањето на вредните дела и често ја консумирал „полесната“ литература, зашто (тоа прво ми паѓа на памет) се соочувал со доста исцрпувачко секојдневие, за да може да биде вистински предизвикан да „навлезе“ во читањето. Денес таа ситуација е уште позаострена – несигурноста на работното место, порастот на цените, постојаната закана на месечните сметки, самоволијата на политикантската елита… набројувам само неколку од огромниот список принуди и стресови… – сѐ повеќе го оддалечуваат денешниот човек од самиот себе. Едноставно, тој е присилен да оглупави! Неговата емотивна, да не ја спомнувам духовната состојба, е новокомпонирано болна! Глобалниот либерален капитализам, со послушните локални вазали, е новиот голем инквизитор на човековата слободна волја.

Како тогаш да ја прифати литературата во која јунакот и кога е најбеден, и кога е најстрадален, е своевиден лудак, кој наспроти сите тирании на политичките манипулации и плаќањето сметки, има сила и страст да ја бара смислата на сопственото постоење? Кога тој, денешниот демократски граѓанин, од понеделник до петок се надева на викендот малку да прездивне, а веќе во сабота чека во редици да плати сметки. А во недела – го повикуваат да гласа!