„Успивачот“ на Тeму Ники

Кинотеката на Македонија ја почна Неделата на современ фински филм, која ќе трае до 29 април. Селектор на филмовите е српскиот режисер Бојан Вулетиќ. Ќе бидат прикажани шест филма, пет играни и еден документарец, кои меѓусебно се разликуваат по темите и по формата. Филмовите претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години, односно оној нејзин дел што досега не сме имале можност да го гледаме на редовните кинорепертоари или на домашните фестивали.

Како што опишува селекторот Вулетиќ, овој негов избор на филмови ќе ни даде можност да откриеме еден дел од Европа, кој само навидум е далечен, скриен и студен, но во суштина е многу близок, исполнет со топлина, бидејќи потребата од љубов, пријателство, семејство, вистина, правда и храброст е универзална.
– Возбудливи играни филмови, различни по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни во снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивањето домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој го следи осудениот воен злосторник од поранешна Југославија, кој, за да продолжи со животот, мора да се сретне со своите жртви – пишува Вулетиќ за селекцијата на Недела на современиот фински филм.

Филмскиот критичар Стојан Синадинов, пак, ќе забележи дека, најпрвин, тоа што веднаш се забележува е авторскиот пристап.
– Во сите филмови режисерите се и автори на сценаристичката предлошка. Меѓу темите што се застапени во овој филмски избор најчесто е распадот на семејството, што би се рекло, по сите основи: емоционални, социјални, идеолошки… Тој актуелен „социјален ДНК“ на финското општество е формиран во вителот на транзицијата на конзервативните средини кон модерност во изминативе децении, но финските автори имаат поширок ракурс на гледање – вели Синадинов.

Програмата се реализира со помош на Амбасадата на Република Финска во Белград.
На програмата вчера беше прикажан „Мало крило“, во режија на Селма Вилхунен, со Линеа Ског, Паула Весала, Лаури Маијала, Анти Лусуаниеми, Нина Силанпа во главните улоги. Тоа е приказна за дванаесетгодишната Варпа, која брзо минува низ детството и уште побрзо созрева, бидејќи нејзината мајка е таа што не сака да порасне. Селма Вилхунен е сценаристка и режисерка на документарни и на играни филмови, била номинирана за наградата на Европската филмска академија, како и за „оскар“ за најдобар краток филм во 2014 година за „За сè ли морам јас да се грижам?“. Студирала режија во Турку, Финска, и е соосновачка на продуценската куќа „Туфи филмс“.

Вечерва на програмата е „Успивачот“ на Тeму Ники, кој долги години режира филмови за деца, реклами и музички видеа, го напиша, го монтира и го режира овој филм. Потекнува од село, син е на фармер и е самоук режисер. Неговите филмови жанровски се разновидни, но биле наградувани на фестивалите во Санденс, Сиетл, Кан (за млади таленти), Темпере, Токио, а „Успивачот“ ја доби и финската награда „јуси“ за најдобар филм оваа година.
Утре на програмата н

а Кинотеката е „Непростено“ на Ларс Фелдбале Петерсен, дански документарист, кој има режирано два наградувани филма – „Битка со хемикалиите“ (2008) и „Мојот среќен живот како зеленчук“ (2013). Веќе 25 години режира и продуцира, а меѓу позначајните наслови од неговите проекти спаѓаат и „Преминувајќи ја линијата“, „Невините жртви“, „Крвави дијаманти“, „И по измачувањето“, „Жена како мене“ и др.
В петок ќе биде прикажан „Законот на земјата“ на Јуси Хилтунен, современ вестерн чие дејство се одвива на финско-шведската граница, далеку на север, во речиси поларни услови и пејзажи. Јуси Хилтунен е од северниот дел на Финска. Студирал на Универзитетот во Кеми-Торнио. Неговиот краток филм „Духовден“ (2012) беше прикажан премиерно на Берлинскиот фестивал, а потоа беше избран за најдобар краток филм за 2012 година во Финска. По краткометражните филмови „Патот на криминалот“ (2010), „Наследство“ (2015) и „Зимско срце“ (2016), „Законот на земјата“ е негово долгометражно деби.