Управниот одбор на „Струшки вечери на поезијата“ одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга, која ја доделуваат СВП и УНЕСКО, во конкуренција на 23 книги од 13 земји, да му биде доделена на финскиот поет Паули Тапио за книгата „Врапчињата и времето“.

Паули Тапио (1986 г., Оулу, Финска) живеел во Хелсинки, Финска и во Санкт Петербург, Русија. Студирал финска книжевност и руски јазик на Хелсиншкиот универзитет и работи како книжевен критичар, организатор на настани и преведувач. Моментално работи на Хелсиншкиот универзитет, каде што предава и спроведува истражувања за својот докторат за формирањето на слободниот стих во модернистичката финска поезија. „Врапчињата и времето“, неговата дебитантска книга поезија, e објавена во 2017 г. Истата година ја добила престижната награда за книга „Хелсингин саномат“ што се доделува за најдобра дебитантска книга проза или поезија за таа година.

Во својата поезија Тапио особено се занимава со ритмите во финскиот јазик. Тематски неговата прва збирка ја истражува судбината на модерната индивидуалност фатена во грчот од светската историја и светските политики.
Наградената книга ќе биде објавена во тријазично издание (фински, македонски и англиски јазик) и ќе биде претставена за време на годинашното издание на фестивалот (22-27 август), кога и ќе биде врачена наградата.